Децата и трудниците кои боледуваат од дијабетес бесплатните сензори ќе ги добијат догодина

Фото: Тирунавукарасје Равиндран (Thirunavukkarasye-Raveendran), CC BY 4.0, Викимедија комонс

По поништувањето на претходниот тендер во јануари годинава, Министерството за здравство најавува дека идната година ќе бидат набавени сензори за мерење гликемија во крвта кои бесплатно ќе ги користат 700 деца и бремени жени кои примаат инсулин. Како што најави министерот за здравство Беким Сали во отворено писмо по повод Меѓународниот ден за борба против дијабетесот, 14 Ноември, значајна новина во Програмата за дијабетес е тоа што ќе се обезбедат средства од Буџетот за 2023 година за набавка на ваквите сензори.

„Овие сензори првпат во државата се обезбедуваат со средства од буџетот, а
ќе бидат бесплатни за овие пациенти. Станува збор за околу 700 деца и
трудници“, вели министерот Сали во писмото.

Како што посочува министерот цитирајќи ги податоците од системот „Мој термин“, во земјава има 135 илјади заболени од дијабетес, од кои 5.500 пациенти имаат тип 1, а на инсулинска терапија се 43 илјади пациенти.

„Денес, повеќе од половина милијарда луѓе живеат со дијабетес во светот, или
1 од 10 лица од светската популација, а дополнително во светски рамки бројот
на деца и адолесценти со дијабетес бележи драматичен раст на годишно ниво“, вели Сали.

Инаку, оваа тема ја актуелизираше Мета по објавата на сторијата за младата Миа Чичкариќ која апелираше државата да набави сензори за безболно мерење на гликемија во крвта, за да можат децата да ги одморат прстињата од постојани боцкања со игли. Последната тендерска постапка за набавка на сензори за континуирано глукозно мерење, пропадна затоа што, како што велат од Министерството за здравство, пријавените не ги исполнувале потребните критериуми.

„Друга новина е тоа што на Клиниката за детски болести ќе биде отворен Едукативен центар во рамки на клиниката, имајќи ја предвид важноста на едукацијата од педијатрите-ендокринолози, што е клучна за што е можно поквалитетен третман на децата“, најавуваат во Министерството за здравство.

Во последните години се укина паралелниот увоз на инсулини и се воведе ладниот ланец на инсулини. Беа обезбедени лекови со докажан кардиоваскуларен и ренопротективен бенефит за ризик групите, а беше зголемен и бројот на инсулински пумпи кај тип 1 дијабетес од 50 на 70.

На 14 Ноември беше одбележан Светскиот ден борба против дијабетесот. Д-р Ирфан Ахмети од Клиниката за ендокринологија, кој е и претседател на Националната комисија за дијабетес, за Мета изјави дека во споредба со лани, на ниво на држава бројот е зголемен за 4.000 нови пациенти, што според него, е загрижувачки податок.

Потребни ни се сензори за безболно мерење на гликемијата, вели Миа Чичкариќ 16 годишна средношколка со дијабетес