Авторските права истекоа, претставен хорор-филм со Мики Маус

Карикатуристите, романсиерите, филмаџиите, но и секој човек, сега можат да ги преработат и користат најраните верзии на двете глувчиња, бесплатно и без да бараат дозвола

Исечок од цртаниот филм „Паробродот Вили“ од 1928 година, Walt Disney, Public domain, via Wikimedia Commons

Краткометражниот цртан филм од 1928 година, „Steamboat Willie“ (Паробродот Вили), со раните верзии на Мики и Мини Маус кои не зборуваат, од 1 јануари 2024 година влезе во јавна сопственост во САД. Тоа значи дека карикатуристите, романсиерите, филмаџиите, но и секој човек, сега можат да ги преработат и користат најраните верзии на двете глувчиња, бесплатно и без барање дозвола, пренесуваат светските медиуми.

Креативците побрзаа да ги искористат новите правила, а веќе на 1 јануари беше објавен и трејлер за хорор-филм (видеото на линкот содржи елементи на насилство) со глувчето Мики. Во хорор-комедијата, наречена „Mickey’s Mouse Trap“ (Стапицата за глувци на Мики), млада жена се наоѓа на роденденска забава во забавен парк, но работите се влошуваат кога таа и нејзините пријатели наидуваат на убиец со нож во костум на Мики Маус.

„Луѓето треба да не го сфаќаат премногу сериозно, направивме смешно забавен филм“, вели Сајмон Филипс, кој го напишал и го продуцирал филмот, а истовремено го игра и човекот зад маската на Мики, пренесува Би-би-си.

Филмот нема потврден датум на објавување, но се очекува да излезе во март.

Во меѓувреме, претставена е и нова видеоигра со верзијата на Мики од 1928 година, исто така со хорор елементи. Играта насловена „infestation 88“ е најавена како игра во која појавата на глодари се претвора во нешто злобно.

Мики Маус не е првиот лик од детството на кој му се додаваат хорор елементи. Кога мечето Вини Пу влезе во јавниот домен, беше објавен хорор-филмот „Blood and Honey“ (Крв и мед), кој стана еден од најниско-оценетите филмови минатата година.

Американскиот закон за авторски права предвидува правата на ликовите да може да се задржат 95 години.

„Дизни“ во минатото повеќе пати се соочи со губење на авторските права врз своите оригинални цртани филмови. За првпат се очекуваше карактерите да влезат во јавна сопственост во 1984 година, но американскиот Конгрес ги продолжи авторските права за уште 20 години. Овој чекор беше повторен и во 2004 година, кога беше донесено уште едно 20-годишно продолжување на правата.

Напорите на „Дизни“ да ги заштити своите ликови доведоа до тоа законот да биде наречен „Закон за заштита на Мики Маус“.

Сепак, и покрај тоа што првичните верзии на Мики и Мини се слободни за користење, помодерните верзии сè уште се покриени со авторски права.