Австралиски градоначалник ја подготвува првата тужба против чет ботот ChatGPT

Регионален австралиски градоначалник изјавил дека може да ја тужи компанијата OpenAI доколку не ги исправи лажните тврдења на чет ботот ChatGPT, дека одлежал затворска казна за поткуп

Фото: Emiliano Vittoriosi на Unsplash

Регионален австралиски градоначалник изјавил дека може да ја тужи компанијата OpenAI доколку не ги исправи лажните тврдења на чет ботот ChatGPT, дека одлежал затворска казна за поткуп. Ова би била првата тужба за клевета во светот против автоматизирана служба за текстуални пораки, јавува Гардијан.

Брајан Худ, кој бил избран за градоначалник на Хепберн Шајр (на 120 километри северозападно од Мелбурн), во ноември минатата година бил известен дека чет ботот ChatGPT лажно го именувал како виновен во скандалот со поткуп, во кој била вклучена подружница на Резервната банка на Австралија во раните 2000-ти.

Неговите адвокати изјавиле дека тој навистина работел за банкарската подружница, но дека тој всушност бил човекот кој ги известил властите за исплатата на мито на странски функционери, за да добијат договори за печатење валути и никогаш не бил обвинет за кривично дело.

Адвокатите испратиле писмо до сопственикот на ChatGPT, компанијата OpenAI, на 21 март, и ѝ дале рок од 28 дена да ги поправи грешките за нивниот клиент, за да не дојде до поднесување тужба.

Од OpenAI, со седиште во Сан Франциско, според адвокатите, сè уште не одговориле на писмото.

Ова би било прва тужба против сопственикот на ChatGPT за тврдења направени од чет бот, кој стана многу популарен од неговото лансирање минатата година.