Фото: Министерство за одбрана на Перу, CC BY 2.0, на Викимедија комонс

Во гостување на Канал 5 телевизија, министерот за здравство Венко Филипче објави дека авансот за кинеската вакцина „Синофарм“ од која требаше да пристигнат 200.000 дози до крајот на февруари, е повлечен „за наша сигурност“. Според него и покрај тоа што авансот е повлечен, вакцините набргу ќе стасаат во земјава.

„Со оглед на тоа што самиот процес траеше подолго време од тоа што сите ние на почетокот планиравме, понатаму се бараа многу дополнителни документи, нешто што се случува практично со сите земји и на тоа практично многу често ни укажуваат, затоа се врати делот од средствата меѓутоа навистина преговорите овие денови, па дури и за време на викендот се во последна фаза и мислам дека целокупниот процес ќе се заврши и навистина вакцините за многу кусо време ќе пристигнат во нашата земја“, рече Филипче.

За вакцините преку ковакс-механизмот, тој информира дека од 20 до 30 илјади вакцини треба да стасаат во земјава во првиот квартал, што всушност значи до крајот на месец март.

„Ги очекуваме вакцините да пристигнат овој месец. Тоа се вакцини од производителот „Астра-Зенека“. Интензивно, дополнително разговаравме и со претставниците на вакцината „Спутник 5“. Верувам дека во текот на оваа недела ќе имаме конкретни податоци, конечно и од најавите на претставништвото на „Фајзер“ од Белград дека драфт-договорот ќе пристигне каде што веќе се разработени сите детали. Имавме интензивна комуникација со размена на бројни документи, мислам дека тој процес е навистина заокружен. Тоа што сега се очекува во делот на „Фајзер“ вакцината е да стигне драфт-договорот од адвокатската канцеларија на оваа компанија која е сместена во Њујорк“, додаде Филипче.

Дека денови се во прашање кога ќе пристигна вакцини во земјава, рече денеска и премиерот Зоран Заев одговарајќи на новинарско прашање.

„Министерството за здравство го повлече авансот за кинеските вакцини, а тоа е направено додека да се добие одговор од кинеското Министерство за надворешни работи. Не можеме да дозволиме пари да останат да лежат, затоа го повлековме авансот додека добиеме одговор. Денес очекуваме одговор на МНР на Кина за да ја продолжиме постапката. Денови се во прашање кога ќе стигнат вакцините. Не можеме да кажеме точен датум кога ќе стигнат. Никаде во светот никој не може да каже оти има надостаток“, изјави Заев.

Со прва доза од вакцината на „Фајзер“ кои ги добивме како донација од Србија, досега се вакцинирани 2.400 здравствени работници. Следната недела се очекува бројката да достигне до 4.000 односно, вакцина ќе примаат сите здравствени работници кои работат со ковид-пациенти.

Но, и покрај сите ветувања за доволен број на вакцини против ковид-19 од страна на властите во земјава, до сега Северна Македонија не успеа да финализира ниту една од набавките. Од сите најави за донации од соседството, единствено 8.000 дози на фајзеровата вакцина пристигнаа од соседна Србија. Бугарија и Грција, а и некои европски земји, сè уште не ги испорачаа своите најавени донации.