Атмосферско-океанскиот феномен „Ел Нињо” ќе биде присутен и во 2024 година

Климатскиот феномен „Ел Нињо” ќе трае најмалку до првата половина на 2024 година, а врнежите низ Јужна Америка го зголемуваат стравот за земјоделието

Фото: Dragan Tomić from Pixabay

Според најновите прогнози на Обединетите нации, климатскиот феномен „Ел Нињо” ќе трае најмалку до првата половина на 2024 година, а врнежите низ Јужна Америка го зголемуваат стравот за земјоделието, пренесува Ројтерс.

Температурите на површината на морето на Тихиот Океан се зголемиле во последните месеци, „со посилно затоплување по јужноамериканскиот брег“, се вели во извештајот на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО).

Прогнозите за првата четвртина од 2024 година покажуваат повеќе дожд од вообичаено во јужните земји како Перу, Еквадор и Мексико заедно со тековните суви услови во Бразил, Гвајана и Суринам, а сушниот период во Централна Америка сепак треба да трае само до крајот на оваа година.

Се нагласува дека земјоделството, земјоделски култури, сточарството, шумите и риболовот се особено ранливи со оглед на тоа што секторот може да апсорбира 26 отсто од економските загуби за време на екстремни временски услови и до 82 отсто за време на суша.

Ел Нино и временските услови што ги носи, влијаеја на производството на клучните култури како пченица, ориз и пченка во Јужна Америка.

Важните видови на риби како сарделата и туната на северниот брег на Перу и јужниот дел на Еквадор се особено загрозени. Во извештајот се додава и дека еквадорските рибари пријавиле намалување од 30 отсто во уловот на туна од февруари.