„Астерикс и белиот ирис“: Новата епизода на култниот стрип ја освојува Европа

Тема на најновата епизода за популарните галски воини Астерикс и Обеликс е сатиризирање на „велнес“ културата

40-тата епизода на „Астерикс“ на француски и холандски во книжарница во Брисел, Белгија. Фото: Мета.мк.

По објавувањето на крајот од октомври, новиот стрип-албум „Астерикс и белиот ирис“ ја освојува Европа. Испечатен е во 5 милиони примероци на 20 јазици кои се дистрибуираат истовремено, со што се одржува репутацијата на Астерикс како најпреведуван француски стрип.

Тема на најновата епизода за популарните галски воини Астерикс и Обеликс е сатиризирање на „велнес“ културата, при што треба да решаваат проблеми наметнати од Цезаровиот лекар. Тој проповеда „позитивно мислење, вегетаријанство и медитација“, воведувајќи моден тренд што им создава урнебесни предизвици и на Римјаните (како предци на денешните Италијанци) и на Галите (предци на денешните Французи). Растението ирис, кај нас познато како перуника, има прекрасен цвет кој е земен како симбол на „њу ејџ“ движењето кое го води тој „гуру“.

Јубилејниот четириесетти стрип-албум со авантурите на храбриот галски јунак и неговите пријатели е дело на сценаристот Фабкаро и цртачот Дидије Конрад, кои достојно го продолжуваат делото на оригиналните автори Рене Гошини (1926-1977) и Албер Удерзо (1927-2020).

Директорот на француската издавачка куќа „Албер Рене Едисионс“, Селест Суруж, изјави за Франс 24 дека нивен приоритет е продолжување на традицијата на Гошини и Удерзо на сатиризирање на стереотипите за европските народи, кои го прават нивниот хумор универзален.

„Токму затоа што сме верни на нашите корени и како прво и основно се исмејуваме себеси, тоа ги засмева нашите европски соседи, но и целиот свет, бидејќи ги откриваме нашите заеднички недостатоци,“ посочува Суруж.

Германското издание на „Астерикс и црниот ирис“ во книжарница во Франкфурт, Германија. Фото: Мета.мк.

Во текот на 64-годишно постоење на „Астерикс“, претходните изданија на стрипот се преведени на околу 120 јазици и дијалекти, меѓу кои и на латински и старогрчки. На просторите на бивша Југославија, Астерикс до сега e преведуван на српски, хрватски и словенечки, но не и на македонски и албански јазик.