Фото: Арбнора Мемети, Мета.мк

Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) на денешната седница донесе одлука за отворање на постапка против тројца опозициски пратеници и еден актуелен министер поради сомнение дека, откако биле назначени на функциите, управувањето со нивните фирми го префрлиле на свои сопружници и роднини, што е спротивно на Законот за корупција.

Антикорупциската комисија ќе утврдува дали тие го прекршиле Законот за спречување на корупција и судир на интереси, во однос на член 45, кој се однесува на тоа дека, по стапувањето на функција на избрано или именувано лице, ако управува со трговско друштво или установа како сопственик, должно е пред да стапи на функцијата управувањето да му го довери на друго лице или тело, освен на членови на неговото семејство. Според Законот, доколку се утврди одговорност, на четворицата им следуваат прекршочни пријави, со казна од 300 до 500 евра.

На денешната седница на ДКСК била отфрлена пријавата од ВМРО–ДПМНЕ против премиерот Зоран Заев, за судир на интереси и корупција во врска со доделување на концесии за ископ на глина на две фирми: „Еленица “ и „Тотал Инженеринг“, сопственост на неговиот брат и братучед. Утврдено било дека „Еленица“ поседувала таква концесија повеќе од 20 годино и дека концесиите ги доделило Министерството за економија.

Од денеска нов заменик на претседателот на ДКСК е Шемши Салаи. Изборот на заменик-претседател, според деловникот, се менува на шест месеци, по азбучен ред.