fbpx

Анкетната комисија за случајот „Онкологија“: Опозицијата обвинува за политички врски во скандалот со лекови

„Гледам дека поранешниот директор Нино Васев бил над законот и над согласностите кои му биле дадени. Ова укажува дека Васев не бил сам и имал политички покровител штом тоа го правел вака долго време“, изјави денеска пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски

-

Анкетната комисија за случајот на Клиниката за онкологија денеска продолжи со работа со сослушување на поранешните и актуелните директори на Фондот за здравствено осигурување Орхан Рамадани, Фатон Ахмети и Магдалена Филиповска Грашковска.

На денешната седница која ја води од потпретседателот на комисијата Александар Велјановски се сослушуваат сведоци и експерти, а се разгледуваат и акти и документи.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски денеска го постави прашањето дали Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) е обврзан да даде согласност за барањето на одредена клиника за дополнителни средства.

Милошоски упати прашање до поранешниот директор Орхан Рамадани кој ја вршел функцијата до 2020 година за тоа дали одговорот од ФЗО е задолжителен или не за Клиниката за онкологија.

Поранешниот директор Рамадани изјави дека ФЗО дала согласност по проценка на службите за тоа дали има потреба од бараниот лек и дали има буџет за побараните средства.

„Гледам дека поранешниот директор Нино Васев бил над законот и над согласностите кои му биле дадени. Ова укажува дека Васев не бил сам и имал политички покровител штом тоа го правел вака долго време“, изјави пратеникот Милошоски.

На вчерашната седница на Комисијата беа сослушани поранешниот и актуелниот министер за здравство, Венко Филипче, односно Фатмир Меџити.

„Во мојот мандат додека бев министер за здравство, немаше ниту еден пациент што останал без лек. Водев сметка да има лекови за пациентите и тие да се со сертификат за европски квалитет. Од 2018 воведов систем со кој се стави крај на дотогашниот паралелен увоз на лекови со сомнително потекло. Дотогаш лекови во државата се увезуваа без сертификат за квалитет, без потекло, такви лекови им се даваа на пациенти со малигни болести, на пациенти со дијабет. За првпат во историјата на македонското здравство обезбедивме современи и најдобри медицински третмани со биолошки лекови и современа терапија за онколошко-хетамтолошките пациенти“, рече Филипче во своето излагање.

Тој кажа дека дури и во време на ковид, овозможил специфичен начин на работа на УКРО, на пациентите им се носела терапија до местото на живеење и била воведена психолошка поддршка на онколошките пациенти.

„Давањето, контролата на лекови е работа на менаџментот на Клиниката. Министерот не знае како се даваат терапиите. Во мојот мандат не сум дал никаква иницијатива за воведување на КАТО систем, ако сум дал предлог истиот ќе сум го имплементирал. До моментот на моето доаѓање на функција, немав никакви сознанија кои биле практиките и принципите на работа на Клиниката за онкологија. Се надевам дека пратениците во Анкетната комисија ќе направат дистинкција на тоа што е системска слабост, а доколку имало каков било криминал тоа да го истражат надлежните органи и да се одговара“, рече Филипче.

Актуелниот министер за здравство Фатмир Меџити пак порача дека виновниците за скандалот со Онкологија мора да се знаат со име и презиме. Тој додаде дека истраги на Онкологија имало и во 2012 година, а се води и судски спор за случај од 2019 година.

„Во два наврати полицијата интервенирала за кражба на терапија од медицинска сестра на која менаџментот на клиниката во мој мандат и даде отказ од работа“, изјави Меџити.

Според него, многу е важно да не се одолговлекува целиот процес и важно е час поскоро да се дознае дали и кој, како што рече, си поигрувал со животите на пациентите. Кога стапил на функцијата го разрешил организацискиот директор на Клиниката, потсети Меџити.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Петар Ристески на денешната собраниска Анкетна комисија за случајот Онкологија се осврна на вчерашните изјави на екс министерот Венко Филипче и сегашниот министер за здравство, Фатмир Меџити кои дале сосема спротивни изјави.

„После вчерашното излагање на двајцата министри каде што видовме дека има две спротиставени изјави на екс министерот и на актуелниот министер, екс министерот не убедуваше дека цветаат рози во македонското здравство, посебно во периодот додека извршувал функцијата министер за здравство. Но, од друга страна актуелниот министер со изјава како и претходно во неколку наврати дека состојбите во македонското здравство се многу лоши односно состојбата е алармантна, дури и изнесе свое видување дека апсолутно дека во голем дел од клиниките, менаџерските тимови ништо не работат и дека сите 66 директори се за менување, тој би ги сменил“, изјави пратеникот Ристески.

Инаку, на сослушување пред анкетната комисија досега беа и претходниот министер за здравство, Беким Сали и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Комисијата за случајот со Клиниката за радиотерапија и онкологија беше формирана на 29 септември откако Јавното обвинителство отвори предистражна постапка за овој случај по медиумските објави за наводни злоупотреби на работната позиција и нерегуларности поврзани со третманот на пациентите од оваа клиника. Во изминатиов период беа организирани и неколку протести за расчистување на случајот со третманот на пациентите од оваа клиника.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...