Проекција на филм и дискусија во Тетово на тема дигитално родово базирано насилство

„Застрашувачки се глобалните податоци кои откриваат дека 58 отсто од жените преживеале дигитално насилство, од кои голем дел се соочуваат и со физички и сексуални закани“, велат во „Стела“ мрежата

Фото: Мрежа „Стела“

Мрежата „Стела“ започнува активности за справување со дигиталното родово базирано насилство. За таа цел планираат да организираат пет настани. Првиот ќе се одржи на 25 октомври во „Спејс“ Тетово со дискусија за книга и проекција на филмот „Круг“. Во склоп на дискусијата, ќе се дискутира и за поимник на родово базираното насилство извршено со (зло)употреба на технологиjата.

„Ќе го одбележиме и настанот „16 дена активизам против родово базирано насилство“,
работејќи да ја подигнеме свеста за заедно да осмислиме решенија, но и превенција и заштита. Ќе има и мултимедијална кампања, во која ќе се користат интерактивни алатки за расветлување на дигиталното насилство, насочени кон младите. Зајакнувајќи го потенцијалот на солидарноста, очекуваме младите да учествуваат во креирање содржини“, наведено е во соопштението на „Стела“ мрежата.