fbpx

Анкета: Граѓаните на ЕУ отворени за прием на Украина, но со „оладени“ чувства за Македонија и Западен Балкан

Во однос на прашањето „Треба ли Северна Македонија да влезе во ЕУ?“, најгласната поддршка доаѓа од Полска, каде 35 отсто од анкетираните одговориле потврдно, во истражувањето на Европскиот совет за надворешни односи

-

Европејците се генерално отворени за идејата Украина да се приклучи кон ЕУ, и покрај трошоците и ризиците, но се со „оладени“ чувства во однос на потенцијалното проширување на блокот со земјите од Западен Балкан и со Грузија.

Според истражувањето во шест земји-членки на ЕУ, објавено денеска од страна на Европскиот совет за надворешни односи, нема јасна мнозинска поддршка за која било од актуелните земји кандидати за членство во Унијата.

Ставовите, сепак, се чини дека се разликуваат врз основа на тоа дали испитаниците живеат во „постари“ или „понови“ земји-членки. Така, во Австрија, Германија, Франција и Данска преовладува ставот дека ЕУ не треба да се проширува со нови членки наскоро, додека граѓаните на Полска и Романија даваат широка поддршка за проширувањето.

Наодите доаѓаат додека лидерите на ЕУ и Западен Балкан се подготвуваат да разговараат за проширувањето на самитот што утре ќе се одржи во Брисел и пред клучните одлуки за унапредување на кандидатурите за пристап на Украина, Молдавија и Грузија што треба да бидат донесени подоцна неделава.

Вкупно десет земји од соседството на ЕУ се официјални или потенцијални кандидати за пристап во блокот, вклучително и седум од Западен Балкан, меѓу кои е и Северна Македонија.

Резултатите од анкетата откриваат дека значителна поддршка за пристап има за Молдавија и Црна Гора. Од друга страна, постои широко распространето противење за пристапување на Турција и ладни одговори на кандидатурите на Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Грузија, Косово и Србија.

Извор: Европски совет за надворешни односи

Истражувањето на јавното мислење било спроведено во шесте земји-членки на ЕУ: Австрија, Данска, Франција, Германија, Полска и Романија, на примерок од 6.153 испитаници.

Граѓаните на Полска со најголема поддршка за членство на С. Македонија во ЕУ, Австријците најголеми противници

Во однос на прашањето „Треба ли Северна Македонија да влезе во ЕУ?“, најгласната поддршка доаѓа од Полска, каде 35 отсто од анкетираните одговориле потврдно. Рамнодушни по ова прашање кое ја засега нашата држава во Полска се 28 отсто, додека речиси исто толку (27%) одговориле „не знам“. Само 11 отсто од Полјаците сметаат дека Северна Македонија не треба да влезе во ЕУ.

Втора земја чии граѓани искажале најголема поддршка за членство на С. Македонија во ЕУ е Романија, каде 32 отсто од испитаниците се согласиле дека земјава треба да се приклучи кон блокот.

Блиску е и Австрија со 30 отсто, иако во оваа ЕУ-членка процентот на граѓани кои сметаат дека С. Македонија не треба да влезе во Унијата е уште повисок – 39 отсто. Впрочем, австриските граѓани покажале најголемо противење од сите испитаници кога во прашање е влегувањето на С. Македонија во ЕУ.

Во останатите земји каде била спроведена анкетата (Данска, Германија и Франција) преовладува „ладнокрвност“ во однос на пристапувањето на Северна Македонија во европското семејство.

Извор: Европски совет за надворешни односи

Соседна Албанија која го оди својот пат кон ЕУ рамо до рамо со Северна Македонија ужива уште помала поддршка меѓу земјите-членки на блокот. И за Албанија најголемата поддршка доаѓа од Полска и Романија, каде 32 отсто од граѓаните го поддржуваат нејзиното членство во Унијата.

Најголем противник на членството на Албанија во блокот е Австрија, каде речиси половина од испитаниците (49%) се противат на нејзино пристапување во европското семејство. Слични противења има и во Германија (47% се против пристап на Албанија) и Франција (41%).

Од друга страна, Европејците се отворени за идејата Украина да влезе во ЕУ. Поддршката за членство на Украина преовладува во Данска (50%) и Полска (47%) со грубо поделени мислења во Романија, Германија и Франција.

Австрија е исклучок и по прашањето за прием на Украина, при што повеќе од половина (52%) се против потенцијален украински пристап кон европскиот блок, а само 28 отсто се за.

Истражувањето покажува дека постои загриженост дека пристапот на Украина во ЕУ носи поголеми економски и безбедносни ризици за блокот отколку приемот на земјите-кандидати од Западен Балкан.

Околу 45 проценти од анкетираните веруваат дека пристапот на Украина во ЕУ ќе има негативно влијание врз безбедноста на ЕУ, додека се смета дека пристапувањето на западнобалканските земји носи релативно помал ризик.

Извор: Европски совет за надворешни односи

Војната на Русија против Украина внесе чувство на итност во традиционално бавниот процес на одобрување нови членки, бидејќи ЕУ се обидува да ја зајакне својата геополитичка моќ преку интегрирање на своето источно крило, пишува „Јуроњуз“.

Европската комисија минатиот месец препорача отворање на официјални преговори за членство со Украина и Молдавија, а препораката се очекува да биде одобрена од лидерите на ЕУ на самитот што ќе започне во четврток.

Мнозинството од испитаниците опфатени во истражувањето на Европскиот совет за надворешни односи (51%) се противат на влезот на Турција во ЕУ.

Во нивната анализа на наодите од истражувањето, високите соработници на Европскиот совет за надворешни односи, Пјотр Бурас и Енгјелуше Морина, сугерираат дека постои итна потреба „да се консолидира и да се обезбеди европскиот простор“.

Тие ги повикуваат лидерите на ЕУ кои ќе се соберат неделава во Брисел да започнат разговори за пристап со Украина и Молдавија и да утврдат временска рамка за следните чекори за сите други земји-кандидати.

Ова, сметаат тие, ќе помогне да се смири граѓанскиот скептицизам околу способноста на блокот да прими нови членки.

„Сите очи ќе бидат насочени кон тоа дали конечно ќе биде дадено зелено светло на пристапните преговори за Украина и другите земји кандидати. Ваквиот потег во многу случаи би се усогласил со јавното мислење и, можеби уште поважно за ЕУ, ќе испрати јасна порака до Владимир Путин дека неговите напори да ја сврти плимата во Украина и да го прошири своето влијание низ европското соседство, ќе се соочат со нови бедеми кон успехот“, вели Морина.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...