ВМРО-ДПМНЕ со 4.000 амандмани ќе го блокира идниот буџет на Општина Карпош

Вељановски изјави дека поднеле 4.000 амандмани со кои ќе биде спречено носењето на општинскиот буџет, но и ќе биде спречено носењето на ДУП-овите за локациите „Алумина“ и Млечен ресторан, за населбата Влае и за серија на други ДУП-ови кои стојат на брзата трака за реализација до февруари

Извор на фотографија: ВМРО-ДПМНЕ

Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За обнова на Македонија“ поднесе 4.000 амандмани со кои времено ќе биде спречено носењето на Буџетот на општина Карпош. Ова денеска го најави Роберт Вељановски, советник на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на општина Карпош. Од партијата сметаат дека на овој начин ќе ги спречат сите обиди за носење на криминални детални урбанистички планови, кои ќе изродат нови бетонски чудовишта во Карпош.

Вељановски изјави дека поднеле 4.000 амандмани со кои ќе биде спречено носењето на општинскиот буџет, но и ќе биде спречено носењето на ДУП-овите за локациите „Алумина“ и Млечен ресторан, за населбата Влае и за серија на други ДУП-ови кои стојат на брзата трака за реализација до февруари.

„Овие налудничави обиди мора да бидат спречени. И затоа времено ќе го блокираме носењето на Буџетот на Општина Карпош. Буџетот на Општина Карпош мора да биде креиран за потребите на граѓаните на Карпош“, изјавија од ВМРО-ДПМНЕ.

Од ВМРО-ДПМНЕ, кои на локалните избори во 2021 година во вториот круг го поддржаа Стевче Јакимовски да биде избран за градоначалник, сега велат дека тој си играл со СДСМ и градежната мафија.

„Ние остануваме доследни на концептот за хумана урбанизација и квалитетно секојдневие на карпошани. Граѓаните и јавниот интeрес се сигурни со ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За обнова на Македонија“, изјави Вељановски од ВМРО-ДПМНЕ.