Аневски не и ги даде предметите што ги бара Јанева

Советот на јавни обвинители на денешната седница одлучи предметите за „Маѓар телеком“, за пиштолот на Зоран Верушевски и за детска порнографија против синот на Верушевски да се вратат во надлежност на матичните јавни обвинителства Основното јавно обвинителство Скопје и Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.

Претседателот на Советот на јавни обвинители, Петар Аневски, рече дека на Јанева ѝ било предочено дека таа како јавен обвинител треба да одговара пред Советот за своето законско постапување, но Јанева била категорична дека веќе нема да доаѓа во Советот и побарала да не биде повикувана.

„Таа го омаловажува и го понижува Советот на јавни обвинители и мислам дека во иднина не знам дали и понатаму вреди таа да биде повикувана во Советот. Со седум гласа „за“, донесени се одлуки дека за законито постапување и понатаму ќе бидат надлежни Основното јавно  обвинителство Скопје и Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Значи, сите предмети кои се кај нас ќе бидат вратени на постапување на овие јавни обвинителства“, рече Аневски.

По најавите на Специјалното јавно обвинителство дека ќе започнат сопствени истраги за спорните предмети доколку не им бидат предадени, Аневски вели дека никој не го спречува СЈО да формира предмети, да продолжи постапки кои се наоѓаат во Советот, да бара отфрлени кривични пријави и запрени истраги и да ги активира.

„Останува фактот дека таа очигледно не е надлежна да постапува по овие предмети кои ги бара и со тоа ги пречекорува законските овластувања кои ги има“, рече Аневски.