Андреј Шекеров е најдобриот средношколец на Државниот натпревар по програмирање

Извор на фотографија: Represent Communications

Андреј Шекеров, ученик во четврта година во скопската гимназија „Раде Јовчевски Корчагин“ е овогодинешниот најдобар средношколец на 32. Државен натпревар по информатика, кој викендов се одржа во просториите на Семос Едукација во Скопје и во просториите на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).

Со своите 295 освоени поени, Андреј Шекеров е вистинска инспирација за натпреварувачите од пониските одделенија на кои им е и ментор во процесот на подготовка за натпреварите. Меѓу помладите натпреварувачи што тој ги менторираше за натпреварот, тројца освоија награда. Атина Рувинова освои прво место во категорија 9-то одделение, Влатко Стојкоски е второ место во категорија  9-то одделение, а Павел Дејкоски е третопласиран во категоријата втора година средно образование.

„Како веќе успешен натпреварувач, сакав јас да бидам менторот што ќе ги мотивира помладите генерации да навлезат во светот на натпреварите по програмирање и да имаат големи успеси кои ќе им помогнат да станат успешни програмери во иднината. Многу се радувам за успехот на Атина, Влатко и Павел, а особено за специјалното признание кое му беше доделено на петтоодделенецот Владимир Грчев, кој беше најмладиот натпреварувач на Државниот натпревар и доби пофалба за извонреден резултат“, истакна Андреј.

Циклус натпреварите по информатика, во областа на програмирањето кое ги организира Здружението на информатичарите на Македонија ги опфаќаат сите ученици од основното и средното образование кои се стекнале со познавања од програмирање во програмскиот јазик C++.

Оваа година, на Државниот натпревар по информатика учествуваа 90 ученици од 41 основни и средни училишта од целата земја.