Андреј Петровски е софтвер-инженер и магистер по електронски криминал, кој веќе пет години работи во Фондацијата SHARE, којашто се занимава со истражување и заштита на дигиталните права на граѓаните. Фондацијата се обидува на граѓаните да им ги разјасни тајните и проблемите на информациските технологии и интернетот. Истовремено прави и мониторинг на дигиталните права и слободи во Србија, Северна Македонија, БиХ, Хрватска, Унгарија и Романија.

Петровски, роден битолчанец кој студирал и магистрирал во Скопје, а живее и работи за Фондацијата во Белград, од каде допатува во Скопје за неодамна одржаниот настан „Модели на отчетност на институциите од безбедносниот систем“, во организација на Фондацијата за интернет и општество – „Метаморфозис“ во соработка со IFEX- глобална мрежа за заштита и промоција на слободата на изразување“, на кој академската заедница, експертите и граѓанскиот сектор дискутираа за реформите во областа на националната безбедност и следењето на комуникациите.

„Мета“ разговараше со него за предизвиците во поглед на заштитата на приватноста и на можностите за следење што ги носи дигитализацијата, за невнимателноста на граѓаните при нивните онлајн-активности и за интересите на тајните служби и на бизнисот за нивните податоци.

Какви сè форми на надзор постојат денес и колку граѓаните може да се скријат „подалеку од радарот“?

– Како постојан феномен тука се ПИ мерките, следењето итн, а како нови трендови се мета податоците, односно задржаните податоци за електронските комуникации, и секако вештачката интелигенција, како глобален тренд, иако не толку застапен на овие простори. Она што е суштински актуелно, во Србија во моментов, на пример, а тоа е истотака и глобален тренд, односно се појавува и на други места, е нов вид на видеонадзор, со можност за препознавање на лица. Во Белград веќе се поставуваат 2.000 камери на преку 800 локации, коишто ќе ја имаат способноста да препознаваат лица и да ги чуваат тие податоци некое недефинирано време.

Од друга страна го имаме и тн. surveilance capitalism кој се однесува не на службите, меѓутоа на големите приватни компании, како Фесјбук, Амазон, Гугл. Тие имаат квалитативно најпрецизни податоци за сите свои корисници, што значи дека имаат најдетални профили на личноста.

Кога сме кај новите технологии, што носи дигитализацијата како можност за посеопфатен надзор и прислушување на граѓаните од безбедносните служби, но и генерално погледнато, од аспект на повреда на личните права и приватноста?

– Тоа е веќе глобален проблем, глобална појава, затоа што самиот процес на дигитализација е секаде присутен. Ако ги погледнете сите држави во регионот и пошироко, во цела Европа, сите имаат во својата агенда ставено акцент на дигитализацијата. Таа значи дека сѐ поголем број од активностите коишто до вчера сме ги правеле аналогно, од денеска треба да ги правиме дигитално. Тие подразбираат активности коишто се однесуваат на комуникација, односно на комуникациски технологии, но исто така и на барања кои ги поднесуваме до државни органи и некои други интеракции со државата, со други правни субјекти, фирми, итн.

Тоа сето значи дека количината податоци која што се генерира околу нашиот живот, околу нашето живеење е сѐ поголема, што подразбира дека квалитетот на информации коишто ние ги оставаме околу себе, во тоа дигитално опкружување, станува сѐ поголем и со самото тоа е многу полесно некој да направи профил на нашата личност.

Дали сакате да кажете дека доброволно оставаме многу траги во дигиталниот универзум? Како тој феномен се вклопува во посебните интереси на безбедносните служби, но и од интернет-гигантите и провајдерите, од аспект на можна злоупотреба, секако?

– Па видете, дали доброволно или не, тоа е веќе прашање… Јас повеќе би рекол несвесно отколку доброволно, зашто поголемиот дел од луѓето вооопшто не ни размислуваат за таа дигитална хигиена, ако можеме така да ја наречеме.

Случајот со Едвард Сноуден и уште неколку други ситуации после него, вклучително и аферата со Фејсбук и „Кембриџ Аналитика“, односно целата афера поврзана со изборот на Доналд Трамп ни покажаа дека и тоа како може да постои колаборација помеѓу бизнис секторот и тие безбедносни структури коишто постојат насекаде низ светот, односно дека сепак државата бара некој специфичен однос, некоја специфична врска со овие компании коишто поседуваат навистина огромни количини податоци. Е сега прашање е колку навистина постојат демократски капацитети и механизми да се контролира тој однос, односно да се знае што може државата да бара, а што не може да бара.

И кога зборуваме за најосновно прислушкување, значи за пресретнување на електронски комуникации, повторно во најголем број случаи имаме однос помеѓу државен и приватен сектор, поради тоа што операторите се главно приватни компании, коишто поради законски или други обврски овозможуваат на некоја служба да пристапува до комуникациите на граѓаните. Така што таа спрега станува нераскинлива.

Покрај прислушување, односно аудиоснимање, имаме следење и на мејлови, на инстант пораки. Дали може некоја служба во Македонија без да се обрати до Гугл, на пример, да побара преку интернет провајдер овде да ја следи вашата емаил комуникација на тој и тој мејл провајдер. Што со тоа?

– Па зависи, од ситуација во ситуација. Во некои ситуации, за СМС пораки да кажеме, тоа оди преку мобилните оператори. Меѓутоа  во ситуација кога имаме некоја платформа, како што е Фејсбук, Гугл. тогаш ви треба пристап на страната на платформата.

Гледајте… Имејл технологијата, односно целата таа архитектура на која што функционира имејлот е доста стара, доста архаична, што значи дека во најголем број на случаи имејл комуникацијата низ јавната мрежа (интернетот е јавна мрежа), оди во текстуална форма, во отворена текстуална форма незаштитена на никаков начин. Со самото тоа постои можност доколку не се користат протоколи за заштита како што се ССЛ и ТЛС во користењето на имејл услугите, доколку пораката оди како текстуален отворен фајл, интернет-провајдерот може да пристапи до нејзината содржина и во случај да е тоа наложено со адекватна документација, тоа да го отстапи на органите.

Во последно време, покрај за прислушувањето, слушаме и за мета-податоците? Што се тие и каква опасност од аспект на злоупотреба на приватноста е сврзана со нив?

– Вака, мета-податоци пред сѐ се податоци кои ги опишуваат суштински податоците. Тие не се содржина која што ние ја креираме, не се нашиот глас или нашите зборови, туку се податоци за тоа со кого, на каков начин, кога и од каде ние сме комуницирале, на пример…. А она што е кај нив голема предност во однос на содржината на комуникацијата е тоа што се многу поекономични за чување , од аспект на тоа дека вие да чувате фајл од некој телефонски разговор ви треба многу поголема меморија, односно појака инфраструктура отколку да чувате текстуални податоци коишто го опишуваат тој разговор.

Во многу ситуациии, со самото тоа што тие се така квантификувани, односно така структурирани, тие се многу поедноставни за анализа и каква било интерпретација во однос на содржината на разговорот, бидејќи за тоа сепак донекаде, и покрај употреба на вештачка интелигенција и различни други технологии, неопходно е да имате човечки фактор, којшто на крај на денот ќе биде вклучен во анализата и интерпретацијата на тие податоци.

Што можеме да кажеме за вештачката интелигенција, какви нови опасност од аспект на повреда на приватноста и личните права носи таа?

– Па знаете како, она што го спомнав со камерите кои препознаваат лик, тоа е базирано на вештачка интелигенција. Е сега проблемот со вештачката интелигенција е стадиумот во којшто таа се наоѓа, односно тн. State of Art. Ние имаме вештачка интелигенција којашто секако прави грешки. Е сега, во такви ситуации кога имаме технологија којашто толку се потпира на вештачка интелигенција за некоја проценка, или предикција (предвидување), доаѓаме понекогаш до проблем поради погрешна проценка на вештачката интелигенција на некој граѓанин да му бидат ускратени некои права. Има додатни проверки на аеродром или некои слични ситуации, коишто не се баш пријатни. Или не остварува право на една или друга или трета социјална работа.

Она што во Кина веќе на големо се случува е тн. Social scoring систем, односно некој вид на квантификација на општественото однесување на граѓаните и во зависност од тоа овозможување на една друга или трета категорија на услуга. На пример, аплицирате за детска градинка за вашето дете, и поради тоа што некој алгоритам одлучил дека не сте баш „добар“ граѓанин, не можете да го запишете детето.

Тие работи се нешто на што во иднина ќе треба многу да размислуваме. Во моментов мислам дека уште ни се некаде на периферен вид, меѓутоа многу брзо ќе стигнат на дневен ред.

Сепак, какви се сега можностите, опасностите, тоа што се случува во Кина да им се случи на граѓаните на земјава, на Србија…

– Па, видете вака, Европа е сепак далеку од тоа што Кина го прави во моментов, меѓутоа во Турција, која што е во непосредна наша близина, имаме слични ситуации, одредено прибирање и анализа на податоци и материјали, не толку со вештачка интелигенција, колку од анализа на активности на социјални медиуми, јавно изнесени ставови итн. некој да е подобен, некој да не е подобен. Така што, никогаш не треба да го земаме здраво за готово тоа што во моментов ние сме релативно слободни.