fbpx

Анализа: Во вториот круг претседателот ќе го избираат гласачите Албанци

-

Првиот круг од претседателските избори во неделата, освен што мина со една од најмалите излезности на изборите и други плебисцитарни форми во самостојна Македонија, донесе и шок за владејачката коалиција. Нивниот кандидат, Стево Пендаровски, оствари речиси микронска предност од својата главна конкурентка за позицијата шеф на државата, Гордана Сиљановска – Давкова, односно во вториот круг влегува во предност од само 4.486 гласови, што е најмалата разлика во гласовите меѓу двајца кандидати во последните пет претседателски избори.

Ниската излезност, како и малата разлика во гласовите на двата кандидати што ќе одат во вториот круг, плус 79.921 гласови за Блерим Река, плус 32.811 неважечки ливчиња, јасно зборуваат дека со 319.225 гласови на Сиљановска, всушност револт кон власта изразиле 432.000 гласачи.

Тоа се чини веднаш го сфатија во таборот на Заев. Така, премиерот побрза да го протолкува како незадоволство од работењето на пониските ешалони на власта, па се закани со чистка (за што и буквално како подарок доби метла, која му ја подари актерот Драган Спасов – Дац). Наспроти тоа,опозициската ВМРО-ДПМНЕ го окарактеризира изборниот исход не само како израз на отпор кон власта, туку и како огромно незадоволство на народот од Преспанскиот договор и промената на власта.

Што се однесува до она што е извесно, тоа е дека кампањата пред вториот круг и на двајцата претенденти за претседателската функција продолжува горе-долу како пред 21 април. Додека Сиљановска порачува дека таа нема никогаш да го користи името Северна Македонија и дека власта ги предала националните интереси, Пендаровски удира во силно емотивна жичка – дека гласот за неговата опонентка е всушност глас за враќање на режимот на Груевски, без притоа јасно да ја отслика врската меѓу двајцата.

Едно е сигурно – изборниот резултат ќе го решат речиси 80.000 гласачи што се определија за Река. Со оглед на платформата на Сиљановска, која е комплетно ориентирана кон Македонците, се очекува дека тие ќе се решат за Пендаровски.

Но повторно останува едно големо „ако“ – дали повторно ќе видиме излезност над 40 отсто или пак вториот круг ќе биде неуспешен и изборниот процес ќе почне од почеток.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Со автоматска пушка влегол во казино во Лешок и украл над 300.000 денари

Наредба за истражна постапка против 28-годишен жител на селото Непроштено, Општина Теарце, кој е осомничен за разбојништво и поседување автоматска пушка, донесе Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Тетово. Во...