fbpx

Анализа: Метлата на Заев не мете во дворот на Ахмети

-

„Операцијата метла“ којашто премиерот Зоран Заев ја најави уште во април – веднаш по првиот круг од претседателските избори, ќе „заигра“ во јуни. На удар ќе бидат арогантните и неодговорни кадри,  како и оние кои се вплеткале во непотизам и се дел од предметите на Антикорупциската комисија.  Премиерот ова го обелодени по враќањето од кусиот одмор со другарите  во странство,  кој некако несреќно се совпадна со инаугурацијата на претседателот Стево Пендаровски.

Продолжениот викенд Заев го искористил за да ги конципира идните одлуки поврзани со промените, кои, како што самиот кажа, најпрво ќе бидат на централно ниво, па во текот на летото ќе продолжат на локално, а ќе ја зафатат и неговата партија (СДСМ) која е доминантна во власта и како таква има  најголема одговорност и рефлексија врз граѓаните.

– Ќе има промена и на министерско ниво и на ниво на директори на претпријатија, но и на локално ниво, како и во партијата од која доаѓам. Аргументите за смена ќе бидат ароганцијата, неисполнување на поставените задачи, неагилноста, или сѐ она од што граѓаните не се задоволни. Станува збор за човечки слабости, а не за тоа кој е крив или не. Секако и решенијата од Антикорупциската комисија, особено ако имало влијание при вработување ќе се земе предвид, изјави Заев.

Во наредните денови за „владината метла“, тој ќе разговара со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, како и со другите лидери од коалицијата.

Но функционерите од ДУИ во јавните настапи отворено кажуваат дека за нивното работење одговараат само пред партијата и партискиот лидер Ахмети. Во врска со ова вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, во емисијата „200“ на Алсат телевизија рече:

Нема тука ништо чудно. Владата е политичка, не е експертска, ја сочинуваат партиите од коалицијата. Секоја партија има свои форуми каде што се предлагаат кадрите кои ќе раководат со институциите. Јас сум избран во претседателството на ДУИ и сум предложен кај премиерот да ме предложи во Собрание. Според ова, премиерот има можност само да побара од Али Ахмети да биде сменет некој функционер на ДУИ и тоа да се потврди во претседателството на ДУИ, па дури и Али Ахмети треба да ја потврди таквата одлука во раководството на ДУИ.

За ваквите пораки  од министрите на ДУИ  Заев коментира декасите доаѓаат од некоја партија, но дека не може да има режимско поставување кандидати и дека тој како мандатар на Владата може да предложи промени, но одлучува Собранието кое е составено од различни партии“.

Граѓаните се главниот репер, граѓаните јавно коментираат, слобода е, транспарентно е, се слуша секаде и генерално очекуваме каде ќе се случат промените. Јас како мандатар треба да ги согледам овие укажувања на граѓаните, но јас сум само предлагач, за министрите ќе решава парламентот, за директорските функции владата ќе го има последниот збор – вели Заев.

Сепак, дали Заев ќе „мете“ и во дворот на ДУИ, ќе биде појасно по неговата средба со Ахмети.

И додека премиерот  верува дека на почетокот на јуни ќе излезе комплетен список за  промени во министерствата и во државните институции, министрите од неговиот кабинет се надеваат дека ќе ѝ побегнат на метлата. Сите кажуваат  дека успеале да ги реализираат предвидените програми и не очекуваат премиерот токму ним да им се заблагодари.

Иако, Заев не соопшти ниту број, ниту имиња, ниту ресори во кои ќе има промени, сепак во јавноста се шпекулира дека реконструкцијата ќе ги зафати министерствата за култура, екологија, транспорт, економската сфера, секторот за инвестиции, а  ќе биде назначен и прв човек во новоформираното Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците.

Најавената реконструкција ќе биде прва во владиниот кабинет на Заев. Досега имаше само неколку поединечни смени на министри и рокади.

За да биде сменет еден министер, потребно е апсолутно мнозинство од 61 пратеник. Доколку, пак, Заев реши да предложи разрешување на повеќе од една третина од членовите на Владата  (во случајот  повеќе од 8), Собранието одлучува како за избор на нова Влада (член 94 од Уставот).

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

НБО вели дека поскапеното автоосигурување е реално, Битиќи бара повлекување на одлуката

Порастот на цената на полисата на задолжителното автоосигурување се должи на континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, резервните делови и на порастот на платите и постојаната голема инфлациона...