fbpx

Фондацијата „Метаморфозис“ учесник на Стокхолмскиот форум за интернет 2019

-

Фондацијата „Метаморфозис“ повторно е поканета да даде свој придонес на еден од најважните годишни глобални настани во областа на технологијата и интернетот „Стокхолмскиот Форум за интернет 2019„ (SIF) кој се одржува овие денови во Шведска.

Во организација на Шведската агенција за меѓународен развој (СИДА) денес и утре во главниот град на Шведска се одржува „Стокхолмскиот Форум за интернет 2019“. #SIF2019 е платформа за унапредување на слободниот, отворен и сигурен интернет како двигател за развој. На форумот учествуваат само луѓе што имаат добиено покана, а говорници се познати светски личности.

#SIF2019 обезбедува простор за размена на идеи, знаења и соработка. Темата е „Стеснување на демократскиот простор онлајн – мобилизирање за слободен, отворен и безбеден интернет“.

Според организаторите, демократскиот простор онлајн се стеснува, но истовремено, новиот дигитален пејзаж нуди нови демократски можности за секој што има пристап на интернет.

„Зачестени се репресивните мерки против граѓанското општество, новинарите, малцинствата и другите актери на промени. Техниките за замолчување на гласовите на интернет се покреативни и технички понапредни од кога било досега. Граѓанските и политичките права, како и социјалните и економските права, се ограничени. Ова е сериозна загриженост бидејќи слободниот, отворен и безбеден интернет е двигател на одржлив развој и намалување на сиромаштијата“, велат организаторите.

Директорот на Фондацијата „Метаморфозис“, Бардил Јашари за „Порталб“ вели дека тој е поканет по вторпат да учествува на овој форум, истакнувајќи дека ова е можност да се дознае за големите можности што ги создава користењето на технологијата, но и за ризиците што ги носи.

– Стокхолмскиот форум е еден од најзначајните годишни настани во светот во однос на технолошкиот развој и влијанието што го има во сите сфери на животот, почнувајќи од приватноста, безбедноста, моќта која ја имаат приватните компании како Фејсбук и Гугл, па сè до политичките системи и начините на владеење. Годинава фокусот е ставен на предизвиците кои произлегуваат од злоупотребата на технологијата за стеснување на јавниот простор за слобода на изразување и борбата против овие злоупотреби кои директно ја загрозуваат демократијата.  Уште еднаш излегува на виделина суштинската улога на невладините организации за надминување на овие предизвици и потребата за соработка на сите нивоа: локално, национално и меѓународно. По втор пат сум поканет да учествувам на овој форум и како и секогаш тоа е одлична можност да се дознае за големите можности што ги создава користењето на технологијата, но истовремено и за ризиците. Овој форум, исто така, претставува добра можност да се изградат нови партнерства и да се воспостават соработки за различни проекти – истакнува Јашари.

Во #SIF2019 се поставуваат прашањата:Како можеме да обезбедиме слободен, отворен и безбеден интернет? Како може повеќе луѓе да добијат пристап на интернет? Како можат владите да бидат одговорни за кршењето на човековите права на интернет?“

Исто така, #SIF2019 ги разгледува најновите закани на интернет кон демократијата и неопходните мерки за мобилизирање на транспарентноста на интернет.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Сојузот на синдикати најави три протести, првиот ќе се одржи во вторник

Работниците и граѓаните повеќе немаат изговор да не учествуваат на протестите што ги организира Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), рече првиот човек на Сојузот, Слободан Трендафилов, на прес-конференција...