fbpx

Што покажа и што можеме да научиме од првиот претседателски изборен круг

-

Првиот круг од претседателските избори во Република Северна Македонија (РСМ) покажа дека политичката реторика која не дава конкретни резултати на терен и подобар живот за граѓаните веќе не функционира, особено не кај албанските гласачи, коментираат соговорниците за „Порталб.мк“.

И оние кои гласаа, но и оние кои не гласаа, испратија порака дека власта треба под итно да се реформира, почнувајќи со сериозна борба против организираниот криминал и корупцијата и дека во ЕУ и НАТО не се оди со политички флоскули.

Првиот круг се карактеризира со низок одзив и голем број неважечки гласачки ливчиња. Споредено со првиот круг на претседателски избори во 2014 година (23.677), вчера околу 30 отсто повеќе неважечки гласови (32.828), а овој пат излезноста на гласачите беше за 7 отсто помала од 2014 година. Вториот круг ќе биде одлучувачки за победникот, а Албанците се тие кои одлучуваат.

За директорот на Фондацијата за интернет и општество “Метаморфозис”, Бардил Јашари, важен показател на овие избори е тоа што албанските политички партии ја изгубиле контролата врз албанските гласачи, дека тие не сакаат повеќе изјави, туку мерки за подобрување на животниот стандард, борба против корупцијата и ослободување на државата од политичките партии.

– Важен показател е дека албанските политички партии во РСМ не ги контролираат албанските гласачи. Политичката свест и искуство на албанските гласачи значително се зголемија, а со тоа и нивниот отпор кон манипулациите на политичките партии. Вториот показател е дека сè уште има голем број гласачи кај нашите сограѓани Македонци кои, за жал, сè уште се инспирираат од национализам. Друг показател е дека патот кон ЕУ и НАТО, освен „големи“ изјави за заведување на гласачите, бара конкретни мерки кои директно влијаат врз квалитетот на животот на граѓаните. ЕУ и НАТО не се цел сами по себе изолирани од секојдневниот живот, туку подразбираат правда, безбедност, еднаквост, вистинска борба против корупцијата и криминалот и борба против заробената држава од страна на членовите на политичките партии – вели Јашари.

Според публицистот Латиф Мустафа, главна карактеристика на изборите е малата излезност на граѓаните, кои пратија порака дека, ако оваа власт не започне со реформи во судството, не ги спречи непотизмот, корупцијата и миграција, може да има „радикална граѓанска непослушност“ – масовно непочитување на јавните дејности.

– Изборите на 21-ви април, односно ниската излезност на граѓаните, се казна и моќна порака за незадоволство од власта. Овие избори покажаа дека граѓаните не се овци, тие знаат да казнуваат и знаат да ја оценат секоја добра можност. Бојкотот на Албанците кон СДСМ е значаен сигнал дека Албанецот, сепак, е непредвидлив и не е лесно да се утврди како ќе делува. Но, над се, ако власта не ги започне реформите во судството, не ги спречи непотизмот и корупцијата и не се зазема сериозно со главните причини за напуштање на земјата и миграцијата, бојкотот се заканува да се претвори во радикална форма на граѓанска непослушност, заедно со масовно бегство и целосно непочитување на јавните работи – рече Мустафа.

Новинарот Ѕвездан Георгиевски, во неговата колумна за „Призма.мк“, вели дека државата на 21 април не покажа политичка зрелост, туку инфантилна политика. Како негативен фактор на процесот, тој, исто така, го гледа и датумот на изборите.

– Реално, не покажавме политичка зрелост, туку спротивното – покажавме инфантилна политика. Особено организаторот во овој изборен циклус. Всушност, ноторен факт е дека во вториот круг секогаш има помала излезност. Потоа, го имаме познатото и апсолвирано искуство, дека со вака надуен Избирачки список, плус упорното одбивање за попис на населението, тешко е дека ќе се постигне цензус, и ете некој се сети дека вториот круг на изборите, практично паѓа во последниот ден од продолжениот празник за Велигден што, согласно горенаведената теорија, дава сериозни можности претседателските избори, да не бидат успешни – вели Георгиевски.

За познавачот на правните и политичките прашања, Мерсим Максути, претседателските избори се карактеризираат со ниско учество на граѓаните, кое според него укажува на отстапките на владината коалиција и не-реализација на реформите во албанската политичка партија, Демократската унија за интеграција.

– Мора да кажеме дека слабата излезност на гласачите и ваквиот исход на изборите, е најголемата казна за неколку отстапки направени од страна на владата на СДСМ, не реализирање на длабоки реформи во ДУИ, како и на недостаток на стратегија и доволно убедување на граѓаните од страна на опозицијата во земјата – рече Максути.

Инаку, според пребројаните 99.80% гласови од страна на Државната изборна комисија (ДИК) излезноста на гласачите на РСМ во првиот круг од претседателските избори, 21-ти април 2019 година, е 41,82 отсто (755.816 гласови). Независниот кандидат, поддржан од страна на албанските партии, Сојузот за Албанците и движењето Беса, Блерим Река доби 79.915 или 10,57% од вкупниот број гласови, и со тоа не оди во вториот круг, на 5-ти мај 2019 година.

Кандидатката поддржана од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Гордана Сиљановска-Давкова доби 319.240 или 42,24% од вкупниот број гласови, додека кандидатот на 30 политички партии, Стево Пендаровски доби 323.846 или 42,85% од вкупниот број гласови.

Неважечки ливчиња се 32.828 или 4,34% од вкупниот број гласови.
Инаку, овие беа шести претседателски избори во РСМ, додека шефови на државата досега биле четворица: Ѓорге Иванов (претседателот во заминување), Бранко Црвенковски, Борис Трајковски и Киро Глигоров.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...