„Among Us“ манијата не ја одмина македонската публика

Амонг Ас
фото: axel795 на Pixabay

Кога во 2018 година, компанијата „Инерслот“ (InnerSloth) ја направи достапна играта „Меѓу нас“ (Among us), истата поминала без особена популарност. Две години подоцна, за време на светска пандемија, „Меѓу нас“ го дочекува светлото на денот, па во моментов речиси и да не постои млад човек кој не слушнал за истата.

Дома, надвор, онлајн или со друштво, па дури и за време на настава, зависноста од новооткриената, а сепак стара игра направи играчите да не бираат време и место за да се дружат на вселенскиот брод каде се одвива дејствието.

Името Among Us може да се сретне на сите социјалните мрежи – Инстаграм, Фејсбук, ТикТок, Твитер, сите зборуваат и споделуваат содржини поврзани со едноставната, а сепак интересна „мултиплеер“ игра. Најпознатите светски јутјубери и инфлуенсери на своите канали и профили стримуваат и објавуваат свои сервери каде играат со нивни колеги или пак фанови.

Уште повеќе, на играта не ѝ оделеа ниту политичката елита, па американската политичарка од Демократската партија, Александрија О. Кортез, преку стриминг платформата Twitch, играјќи ја играта ги повика гледачите да излезат на гласање на изборите во ноември.

Among us
Among Us / фото: принтскрин од дизајнот на играта

„Меѓу нас“ манијата не ја одмина ниту македонската публика. Со улогите на „измамник“ или „член на екипажот“  се соживеаја голем број млади луѓе.

Интересна и динамична, вака играта ја опишува Ангела, која на својот Јутјуб канал објавува содржини најчесто поврзани со гејминг.

„Како и секоја игра досега, оваа игра стана популарна откако познатите стримери почнаа да ја играат. Играта е динамична и интересна, што ја прави една од позависните игри моментално. Една партија може да трае околу 10-15 минути, а некогаш и 5, па со тоа е поинтересно и се менува темпото, за разлика од другите игри“, вели Ангела.

Таа додава дека играта создава наклонетост и блага зависност поради тоа што за истата е потребно брзо размислување и снаодливост. Вели дека омилен дел од „Меѓу нас“ ѝ е кога набљудува како се бранат играчите кои сите ги обвинуваат за измамници.

Ангелка
Ангела на својот Јутјуб канал објавува гејминг содржини / фото: лична архива

„Интересно е како се променува тонот на гласот кога некој ќе се збуни, па е полесно да се најде натрапникот. Оваа игра јас лично ја играм само со блиски пријатели. Играта е наменета за сите кои што имаат поголемо друштво и сакаат забава. Убедувањето кај некого е послаба, а кај друг појака страна, но затоа е и поинтересно да се игра со пријатели кои што ги знаеме, така е полесно да се најде измамникот“, додава таа.

Ангела вели дека е задоволна од дизјанот на играта, а единствено нешто што би променила би било додавање на повеќе мапи за играње. Иако „Инерслот“, компанијата која ја дизајнираше играта, најави втора верзија на истата, засега креирањето на продолжението е откажано.

Играта „Меѓу нас“ може да се симне бесплатно на мобилен телефон од виртуелните продавници, додека десктоп верзијата чини околу пет американски долари. Играта во моментов има повеќе од 5 милиони преземања само на Play Store.

Изминатава недела Among Us се најде на мета на напаѓачи кои ги спамираа играчите со реклами, промовирајќи производи и Јутјуб канали.

Продолжува…