Од следење настава од педалинка, до играње видео игри за време на предавање – како се злоупотребува онлајн наставата?

На први октомври во повеќе училишта започна учебната година со настава од далечина преку националната платформа schools.mk, каде учениците ги слушаат и гледаат предавањата на нивните наставници и професори. Но, новиот начин на одвивање на наставата значеше и нови предизвици со кои ќе се соочат како учениците, така и нивните учители, но и целокупниот образовен систем.

А проблемите веќе можат да се видат две недели по започнувањето на учебната година. Додека на почетокот имаше поплаки за проблеми од техничка природа, лоша интернет конекција и преоптовареност на националната платформа, сега се евидентни примери на злоупотреби на платформата и на онлајн наставата од страна на самите ученици.

Мета.мк во соработка со Инстаграм профилот @studentarijamk, ги праша учениците и студентите дали за време на нивните онлајн часови постојат злоупотреби на новиот модел на настава. Добиените одговори од повеќе ученици укажуваат на различни злоупотреби, кои во одредени случаи одат во крајности.

Така, дел од учениците велат дека онлајн наставата им е досадна, па предавањето на наставникот или професорот воопшто не им претставувало пречка  за да поспијат во меѓувреме.

Тоа е сè освен онлајн настава“, вели еден ученик.

Слични примери, иако поретко, има и помеѓу студентите.

„Заспивам за време на онлајн настава, немам концентрација, апстрактно изгледа материјалот…“, вели една ученичка.

„На онлајн предавање се слушна како еден студент почна да хрчи. Толку беше гласно“, сподели студент.

„Спијам за време на онлајн час, додека лаптопот е вклучен, а кај професорката покажува дека сум присутна на настава“

schools.mk, Национална платформа за учење од далечина

Други ученици велат дека нивните соученици времето наменето за настава го поминуваат вклучени на платформата, но вниманието им е свртено кон позабавни активности, како играње на виртуелни игри. Некои од соучениците биле креативни, па ги забавувале останатите со свои „настапи“ на платформата за учење.

„Од 120 присутни на платформата се испостави дека таму сме само 30.“

„За време на онлајн наставата седиме пред компјутер со исклучени камери и исклучени звучници, па секој си прави што сака.“

„Часот трае, наставничката предава, деца ги гасат камерите и играат Among us (игра) на телефони.“

„Има часови кога учениците споделувааат екран (share-screen) и играат игри преку нивните компјутери. Исто така некогаш се случува да го снема професорот потполно од часот, па во тоа време се појавува дете кое свири на хармоника и ги забавува останатите приклучени на часот.“

Онлајн наставата е флексибилна, па не сите ја следат од дома.

„Еднаш слушав предавање од педалинка, среде Охридско езеро“, вели една студентка.

Неретки се случаите кога учителите или учениците се намерно отстранувани од нивни соученици од видео повикот. Снаодливите ученици ја злоупотребувале технологијата за да го прикријат своето незнаење.

„Тргаат ученици од повикот, играат Кантер, LOL и сите останати игри за време на часови. Доколку ги праша професорот нешто, а тие не го знаат одговорот, велат дека не им работи микрофонот или камерата или пак дека имаат проблеми со интернет конекцијата“

Други ученици признаваат дека одат и подалеку.

„Јас си пушам цигари една по друга, а брат ми ми кажа дека си гледал порно за време на предавања… Лудило“, споделува девојка.

online nastava
Glenn Carstens-Peters на Unsplash

Друга ученичка се потруди да објасни дека онлајн часовите не можат да бидат како оние часови со физичко присуство и дека дома полесно се губи концентрација отколку во училиште. Но, додава дека тоа не е причина за злоупотреба на онлајн наставата.

„Нормално дека кога сме дома, вниманието не може да биде насочено само на една работа, т.е. на предавањето, туку на уште најмалку пет други работи кои се случуваат околу нас. Додека сме присутни физички на часот, тогаш професорот може подобро да ја контролира и атмосферата и концентрацијата на учениците/студентите, па затоа според мене има и поголем ефект. За време на онлајн предавањата, не сите се совесни да го слушаат предавањето, па и го злоупотребуваат. Освен тоа, учениците немаат мотивација физички да се поместат од својата удобна положба за да исполнат одредена активност на часот. Од друга страна, за сечие здравје, најдобро е да се седи дома, а следењето на часовите и предавањата се осетавени на совеста на учениците, сепак овде се работи за нивна придобивка на знаење“ вели ученичката.

И покрај тоа што има време предвидено за голем одмор и за ужина, дел од учениците јадат додека слушаат настава. На неколку профили наменети за забавни содржини на социјалните мрежи често можат да се забележат споделени слики како ученици се „фалат“ со храна пред лаптопот за време на часот или како се шегуваат со нивните професори и наставници.