Алексиќ: Единственото нешто што може да го спаси светот од пропаст се книгите

Во „Летна лектира“ професорката Татјана Алексиќ зборува за нејзината дегустација и страст кон книгите, а и за нејзиниот избор за читање во летната сезона

Илустрација: Мета.мк

Во ова динамично и брзо време на живеење, кога дури и одморот претставува „замор“ преку гледање во екраните на телефоните, Мета.мк со цел повторно да ја разгори љубовта кон книгите и желбата за дегустирање нови содржини кај читателската публика, преку викенд-серијал текстови разговара со јавни личности од секоја општествена сфера за нивните омилени книги за време на летниот период, во кој впрочем се наоѓа и најмногу време за читање.

Овојпат разговараме со професорката Татјана Алексиќ, која предава македонски јазик во гимназијата „Раде Јовчевски Корчагин“, а ни открива дека летово била три недели во Белград кај нејзините најстари членови на семејството по татко, чичко и стрина, за кои вели дека ја „чуваат како принцеза на нивни 90 години“.

„Идеален одмор за мене, опкружена со говорлива тишина, книги, класична музика, редовна и квалитетна храна сервирана како во хотел со пет sвездички и секако здивот на велеградот кој дише и по жештини хидриран од Дунав, Сава и големи зелени површини“, раскажува таа за Мета.мк. 

Алексиќ вели дека кога оди на море, езеро или река не чита книги – тогаш ја чита природата, ги листа нејзините страници, а може со часови да гледа во водени површини, песочни перспективи, небесни широчини.

„Гледам во луѓето, децата, животните, им ја гледам радоста и таа глетка не може никаде да ја прочитате. Тоа не е гледање сеир, туку гледање животни серии од краткометражни подвизи на непознати луѓе. Џагорот од плажата ме успива, сакам да дремам на песок, ама под сенка. Секако, за кногољупците кои токму за време на годишниот одмор имаат привилегија да читаат книги, можам да им препорачам да го читаат само тоа што го сакаат, не затоа што мора, треба или помодарски (читање наопаку свртена книга), туку затоа што едвај чекаат да ја фатат во рака посакуваната книга и да не ја испуштат дури не ја прочитаат“, ни раскажува Алексиќ.

Најтешкото прашање за неа, како што вели е дека нема конкретен одговор која ѝ е омилена книга или автор.

„Тоа е исто како да ме прашувате кое дете повеќе го сакам. Не се врзувам за книга или писател за да му останам верна и да не читам други писатели. Дури читам се восхитувам, радувам, подвлекувам мисли, вадам цитати, читам активно и изгледам вљубено во таа книга, како во ниедна друга. Но, истото чувство ме обзема и со наредната книга“, вели Алексиќ.

„Ги сакам книгите, вљубена сум во нив, ги читам цела година“, ни раскажува Алексиќ, набројувајќи ги оние кои периодов ѝ оставиле впечаток.

  • Ја добив на подарок од чичко ми и стринка „Благо цара Радована” од српскиот поет и дипломат Јован Дучиќ, исклучителен во својот ларпурлартизам, во философските размисли исцрпени од познати светски писатели, на кои се повикува и ги цитира.
  • Па ете го читуцкав Дучиќ, додека бев во Белград и ми дојде асоцијација со еден наш автор и писател, јазичар, преведувач (има преведено делови од поемата на Бајрон „Странствувањата на Чајлд Харолд”), ангажиран биограф на Григор Прличев на кого ќе му го посвети романот „Депа”, исклучително скромен и тивок со своето раскошно книгољубие, Милован Стефановски. Неговото последно дело треба да го читаме сите, баш дур сме на одмор, затоа што во неговотоКовчеже со книжни бисери” има собрано драгоцени мисли на сто македонски автори. Со една книги ќе возљубиме сто наши македонски драгоцености!
  • Го препорачувам Венко Андоновски, кој на сите ни покажа каде е Папокот на светот, а сега со најновиот роман „Светлината на светот” ни даде светлост да стасаме до папокот.
  • Последниот предлог е книгата „Десетиот Увид” на Џејмс Редфилд, продолжение на „Целестинското пророштво”, каде ја предвидува современата духовна апокалипса велејќи дека редот, законот и почитувањето на човечкиот живот го напуштаат општествениот живот и светот се дегенерира во менталитет на багра во која владеат завист и одмаздливост, предводени од префригани шарлатани и веројатно доцна е да се сопрат“.

„Единственото нешто што може да го спаси светот од пропаст се книгите! Нема начитани и продуховени психопати, нема суета кога се чита!“. 

Таа додава дека она што не смее да се сопре е читање книги во рака, чувствување на нивниот мирис и облик, подвлекувањето на битни реченици со молив, препрочитување, цитирање или во преносна смисла „водење љубов со книгите”.

„Сајбер читање книги е исто што и сајбер секс, стерилно и краткотрајно задоволство. Густирање на една книга со љубов, како квалитетна чаша вино, никогаш нема да ви го дегустира вкусот, нема да останете само наповршно читање, на една голтка вино. Со сласт ќе ја испиете целата чаша – книгата ќе ве опие. Читајте со љубов, затоа што вашето невидливо богатство што го носите секаде со вас е ковчежето со прочитани книги. Средношколците кои редовно читаат дела и лектири за обработка, на крајот од 4 година имаат траен капитал кој веднаш ќе се види при пополнување на првото мотивациско писмо и интервју за работа. Нема шверц со површно знаење, кога тогаш ќе ве фатат“, апелира Алексиќ.