Албанските опозициски партии го проблематизираат усвојувањето на уставните измени

Пратениците од БЕСА и Демократско движење бараат менување на Уставот во делот на формулацијата „20% од јазикот кој го зборуваат граѓаните“ во - „албански јазик“, додека Алтернатива пак поддршката ја условува со гласање на амандман за незастарување на кривичните дела извршени од страна на избрани и именувани функционери

-

По вчерашното интервју на лидерот на Движењето БЕСА, Билал Касами дека нивните пратеници нема да гласаат за измените за внесување на Бугарите во Уставот, доколку не се избрише формулацијата „20% од јазикот кој го зборуваат граѓаните“ а новата формулација да биде „албански јазик“, денеска иста реакција стигна и од партиите Алтернатива и Демократското движење.

Мерита Колчи Коџаџику, пратеничка на Демократското движење денеска изјави дека остануваат на ставот оти нема да ги поддржат уставните измени, доколку бришењето на формулацијата „20 проценти албански јазик“ не биде дел од нив.

„Како пратеничка група од Демократското движење од почеток тоа беше нашиот став. До овој момент остануваме на истиот став“, рече таа.

Пратеничката на Алтернатива Сафије Садику Шаини, пак, рече дека оваа партија нема да ги поддржи уставните измени доколку не биде прифатен нивниот амандман за корупција.

„Како Алтернатива сме декларирале дека прво треба да го прифатат нашиот уставен амандман против корупцијата. Ако не се прифати тој амандман, нема да гласаме за уставните измени“, рече таа.

Со предложениот уставен амандман од Алтернатива се предвидува никогаш да не застаруваат кривичните дела извршени од страна на избрани и именувани функционери. Исто така, се предлага и проширување на опфатот на конфискација на противправно стекнат имот впишан на трети лица.

Македонија и Србија испитуваат можности за гасно поврзување

Македонија и Србија ќе ги испитуваат можностите за спојување со гасен интерконектор, кој треба ќе биде една нова директна врска меѓу од Јужниот гасен коридор на ЕУ и Трансбалканскиот...