Владите на Косово и Албанија на денешната заедничка седница во Пеќ, Косово потпишаа девет договори и протоколи со кои, меѓу другото, во наредните шест месеци ќе се обединат царините и ќе се укине роамингот во меѓусебните телекомуникации.

Потпишани се договори за меѓусебно признавање на возачките дозволи, за заедничка царинска контрола на граничниот премин Морина, за јавниот долг и заедничката соработка со меѓународните финансиски институции, за укинување на роамингот, за соработка во областа на младите и за соработка во здравството. Исто така биле потпишани и договори за признавање на фитосанитарните и ветеринарни уверенија, за создавање на заедничка Стопанска комора на Косово и Албанија и соработка за признавање на индустриската сопственост.

Косовскиот премиер Рамуш Харадинај рече дека граѓаните на Косово и Албанија очекуваат уште повеќе од двете влади, но дека и договорите што се потпишани денеска претставуваат „конкретизација на дамнешните приоритети на двете страни“.

Албанскиот премиер Еди Рама рече дека воведувањето на таксата од 100 отсто на производите од Србија и Босна и Херцеговина била „исправна реакција на неправдите кои се прават кон Косово, често и со поддршка на разни европски земји“.

Од друга страна, како што појасни тој, за кратко време Косово и Албанија ќе направат целосна унификација на царините.

– Кој смета дека ова претставува закана, било во Белград или во Брисел, добредојден е да дојде, да седне на маса и да му објасниме дека не е закана, туку е покана за сите други да земат пример од оваа соработка и Србија прва да го следи овој пример – порача Рама.