fbpx

Ајде на море – јужни ветрови дуваат од Грција

Анализа за „Порталб.мк“ од Малинка Ристевска, Јорданова, Институт за европска политика

-

Дојде викендот кога голем дел од македонските граѓани се радуваат на можноста повторно да го видат најблиското море, а зошто не – и да се искапат во егејските води. Грција ги отвора границите, за да не изгуби уште една туристичка сезона, секако со услови за ковид-19. Како што обично бива, некои прерано се израдуваа, па во моментите додека го пишувам ова сѐ уште се заглавени на границата, зашто уште немало формална одлука за отворањето на преминот.

Автор: Малинка Ристевска Јорданова

Сепак, потопли политички ветрови како да почнаа да дуваат од југ. Можеби на многумина тие ќе им дојдат како изненадување. Не е чудно, зашто Грција досега не беше многу гласна, особено во врска со спорот меѓу нашата држава и Бугарија. Сега станува некако погласна и појасна.

Учеството на висока македонска делегација во Делфискиот економски форум во Атина, дебатата во текот на Форумот, како и средбите што ги имаше со грчките официјални претставници, како да извлекоа на површината еден поинаков пристап. Ова особено се однесува на прашањето на одржувањето на првата меѓувладина конференција, како со Северна Македонија, така и со Албанија. Грција сега погласно се застапува за почеток на преговорите, со тоа што се изјасни дека Северна Македонија и Албанија треба да одат „во пакет“, и тоа од „безбедносни причини“.

Последните политички дијалози Скопје – Атина имаа и друго значење – реафирмација на Преспанскиот договор, кој очигледно е под напад, секако на нашиот домашен терен. Меѓутоа, реафирмацијата на Преспанскиот договор треба да се гледа и од друг аспект. Тој е под атак и однадвор – од Исток, зашто бугарските барања делегитимираат некои од клучните одредби на Преспанскиот договор. Таква е одредбата за македонскиот јазик, но и за употребата на долгата и кратката форма на новото име на државата „Република Северна Македонија“ односно „Северна Македонија“. Ако тие за нас клучни одредби на овој договор се релативизираат, тогаш би можела да се доведе во прашање натамошната имплементација на Договорот. Меѓутоа, и надвор од читањето на формалната страна на договорите, бугарската блокада е секако нож во грб на Преспанскиот договор. Дури, приврзаниците на теориите на заговор толкуваа дека се работи за некаква заедничка грчко-бугарска анти-македонска стратегија.

Последните изјави од билатералните македонско-грчки средби потврдуваат дека и двете влади – македонската и грчката – сега се насочени не кон релативизирање, туку кон спроведување на Преспанскиот договор, иако партијата што сега ја води грчката влада не беше за договорот кога тој се гласаше. Од друга страна, динамиката на спроведување на Договорот е врзана со отворањето на преговорите, односно поглавјата. Рокот за промената на називот на државата за сите документи кои се за внатрешна употреба е определен на пет години од почнувањето на соодветното поглавје. Тоа ја прави грчката страна заинтересирана за отворање на преговорите со нашата држава. Треба да очекуваме дека кога еднаш ќе почнат преговорите, грчката страна многу децидно ќе инсистира на реализација на секоја точка и запирка од Договорот.

Конечно, не треба да заборавиме дека токму интересите се тие што ја водат (или барем би требало да ја водат) надворешната политика. Не случајно одбраната, економијата и енергетиката се сега во фокусот на билатералната соработка.

Покрај ставовите на поддршка што доаѓаат деновиве за конечно отпочнување на преговорите на ЕУ со нашата држава, се навестуваат некакви креативни идеи од грчката страна за тоа како да се надмине бугарската блокада, која во голема мерка го има за модел токму нејзиното претходно тридецениско вето на патот на македонската независност и европската интеграција. Веројатно Грција ќе има што да каже и натаму, зашто сепак е членка на ЕУ од регионот со најдолго искуство – годинава Грција 40-годишнина од приемот во ЕУ (тогаш Европските заедници). Искуството нѐ поучува на отвореност, но и должна внимателност кон сите нови идеи.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

НБО вели дека поскапеното автоосигурување е реално, Битиќи бара повлекување на одлуката

Порастот на цената на полисата на задолжителното автоосигурување се должи на континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, резервните делови и на порастот на платите и постојаната голема инфлациона...