Од вкупно 62,3 милиони евра кои лани биле потрошени од домашни платежни картички за онлајн пазарење во странство, 73,6 отсто од вредноста на трансакциите се реализирале во корист на 10 земји. А, најмногу онлајн плаќања се остварени кон Обединето Кралство, Унгарија и Ирска.

„Тоа е очекувано ако се има предвид дека од овие земји потекнуваат Amazon UK, ASOS (Обединето Кралство), WizzAir (Унгарија) и Facebook, Google (Ирска)“, соопштија од Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, АЕТМ.

Според податоци од НБРСМ, АЕТМ ги анализираше бројот и вредноста на остварените онлајн трансакции со домашни платежни картички кон странски е-продажни места, со цел да се креира слика, каде најчесто граѓаните од Северна Македонија купувале онлајн.

Во минатата година се реализирани вкупно 7,3 милиони онлајн трансакции со вкупна вредност од 229,6 милиони евра, од кои 167,3 милиони евра кон домашни е-продавници. Најголем број на трансакции со домашни платежни картички (вкупно 547.713) се реализирани во корист на веб продавници од Луксембург, каде што е регистрирана европската филијала на Amazon, преку која се одвиваат трансакциите за најголемиот дел од Европските земји, без Обединетото Кралство.

Со домашни платежни картички во странство лани се остварени вкупно 2,8 милиони онлајн трансакции со вкупна вредност од 62,3 милиони евра, наспроти 100 милиони евра во 2019 година. Тоа е пад од 17,9 отсто во бројот на трансакции и за 38 отсто во нивната вредност. Од АЕТМ посочуваат дека падот е очекуван, бидејќи поради пандемијата не се патува, па купувањето на авио-билети и резервациите во хотели се драстично намалени.

Лани значително е намален и бројот на плаќањата кон компании од Обединето Кралство и Унгарија, поради драстичното намалување на патувањата и користењето на авио транспортот. Највисока просечна вредност е евидентирана од плаќања кон Унгарија, каде доминираат оние кон WizzAir и чија просечна вредност изнесува 5.566,00 денари, додека најмала просечна вредност е забележана кон Луксембург, во износ од 645,00 денари.