Подготвена е Национална стратегија за управување со отпад 2024-2036

Стратегијата претставува национална политика за управување со отпад во Северна Македонија и е почетна точка за подготовка и имплементација на интегриран и економичен систем за управување со отпад усогласен со националното и ЕУ законодавството

Фото: Фисник Џелили, Порталб.мк

Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) информираше дека подготвило Национална стратегија за управување со отпад (НСУО) за периодот 2024-2036 и за истата спроведува постапка за стратегиска оцена на животната средина.

Стратегијата претставува национална политика за управување со отпад во Северна Македонија и претставува почетна точка за подготовка и имплементација на интегриран и економичен систем за управување со отпад усогласен со националното и ЕУ законодавството и барањата за отпадот.

НСУО ги поставува насоките за правилно управување со отпад за следните 12 години, засновани на принципите на одржливост и служи како основа за управување со сите текови на отпад, велат од МЖСПП.

„Општата цел на НСУО 2024 – 2036 е да развие одржлив, интегриран систем за управување со отпад со цел зачувување на ресурсите, заштити на здравјето на населението и превенција и намалување на негативните влијанија врз животната средина, намалување на емисиите на стакленички гасови и деградацијата на земјиштето“, се вели во соопштението на ова министерство.

Со цел вклучување на заинтересираната и засегната јавност, беа организирани шест јавни расправи во Тетово, Штип, Струмица, Охрид, Битола и Скопје.

Сите заинтересирани можат своите забелешки и коментари да ги достават до МЖСПП согласно инструкциите дадени на интернет страницата на министерството.