fbpx

Претреси на 24 локации и уапсени 18 лица во голема истражна акција за шверц на луксузни автомобили

Во текот на ноќта и утринава, извршени биле претреси на 24 локации, запленети биле 14 автомобили и еден мотор, во вредност од половина милион евра. По две лица се трага и за нив ќе биде предложена мерка притвор во отсуство

-

Дваесет лица се сомничат, а 18 се уапсени во голема истрага на полицијата и на обвинителството. Во текот на ноќта и утринава, извршени биле претреси на 24 локации, запленети биле 14 автомобили и еден мотор, во вредност од половина милион евра. По две лица се трага и за нив ќе биде предложена мерка притвор во отсуство.

Истрагата, како што соопшти обвинителката Наташа Сарамандова, се однесува на криумчарење на луксузни автомобили.

Истрага е поведена против осум лица за продолжени кривични дела – криумчарење, прикривање на стоки кои се предмет на криумчарење и царинска измама, компјутерски фалсификат и фалсификување исправи.

Останатите 12 физички и едно правно лице се осомничени за кривични дела кои се гонат во скратена постапка. Меѓу осомничените има и пет службени лица – референти за управни работи во МВР.

„Во текот на претходната постапка обезбедени се докази дека во текот на 2021 и 2022 година, осомничените организирале и учествувале во пренесување на патнички моторни возила избегнувајќи ја царинската контрола како непријавена стока во вкупна вредност од големи размери, употребувале лажни јавни исправи како вистинити за да ги регистрираат автомобилите, по што ги продавале возилата за кои знаеле дека се предмет на кривично дело“, велат од обвинителството.

Автомобилите, од кои најголем дел биле предмет на меѓународни потраги, се набавувале во различни европски земји и внесувале во земјава со променети идентификациски броеви на шасиите и со фалсификувани документи за да им се прикрие потеклото. Потоа, осомничените службени лица од МВР вршеле регистрација на возилата врз основа на лажна документација.

Со цел да се прикријат трагите, автомобилите меѓусебно ги препродавале по неколкупати за краток временски период, по што трајно ги оттуѓувале на физички и правни лица во државава.

Јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за определување мерка притвор за осум осомничени за кои ќе се води истрага, додека за останатите се предложени мерки на претпазливост.

Фото: ОЈО Скопје

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Ковачевски повика на внатрепартиски избори: Денешниот резултат е разочарувачки, на СДСМ му е зададен тежок удар

Денешниот резултат е разочарувачки, на СДСМ му е зададен тежок удар - не само од граѓаните, туку и од симпатизерите и поддржувачите на партијата, истакна вечерва на прес-конференција претседателот...