fbpx

Ангеловска-Бежоска: Деглобализацијата може неповолно да делува на малите економии

Процесот на деглобализација може особено неповолно да делува на малите економии коишто по својата природа се повеќе зависни од надворешна трговија и пристап до надворешно финансирање, рече гувернерката на НБРСМ, Анита Ангеловска-Бежоска, на тркалезната маса што ја водеше директорката на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ)

-

Според последниот извештај на Светскиот економски форум, ризикот од фрагментација на глобалната економија (деглобализација) е еден од трите најголеми глобални ризици, заедно со кризата на трошоците на животот и климатските ризици. Процесот на деглобализација може особено неповолно да делува на малите економии коишто по својата природа се повеќе зависни од надворешна трговија и пристап до надворешно финансирање.

Ова беше дел од говорот на гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, на тркалезната маса што ја водеше директорката на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристалина Георгиева, во рамките на конференцијата под наслов „Водење политики во немирни води: Јакнење на отпорноста на Централна, Источна и Југоисточна Европа“, во организација на Хрватската народна банка (ХНБ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).

„Пандемијата и последиците од војната во Украина се еден од најголемите стрес-тестови на повеќедеценискиот процес на глобализација. Според некои оцени процесот на глобализација во изминатите четири децении овозможи зголемување на глобалниот доход за околу 10% во изминатата декада. Деглобализацијата е особен ризик за земјите од регионот, кај кои поради евентуалното намалување на трговските текови, како и на тековите на капитал, труд и технолошки иновации, може значително да се намалат потенцијалот за раст и реалната конвергенција“, рече гувернерката во своето излагање.

Според неа, во овие економии во изминатите две декади, трговската интеграција значително се зголемила, достигнувајќи 113% од БДП, а зголемување бележат и финансиските текови, особено преку странските директни инвестиции. Сето ова, рече Ангеловска-Бежоска, овозможило пренесување финансии, знаење и технологии од поразвиените економии, а со тоа и забрзана реална конвергенција, којашто во просек се зголеми за околу 30 отсто.

„Сепак, во земјите од Западен Балкан, овој процес е побавен, поради што ризикот од деглобализација е особено голем предизвик за оваа група земји“, истакна гувернерката, додавајќи дека земјите од Западен Балкан, кои не се дел од Европската Унија, имаат пониско ниво на доход, коешто е само околу 40% од доходот на ЕУ, а имаат поголеми потреби за инвестиции во инфраструктура.

„Ваквите состојби, како и новите предизвици коишто ги донесе енергетската криза и потребата за поголема дигитализација уште повеќе ја истакнуваат улогата на глобализацијата во развојот на овие економии. Оттука, неопходно е да им се посвети поголемо внимание на структурните реформи со кои ќе се намали ранливоста на овие економии и ќе се зголеми нивната отпорност на шокови, а воедно ќе се подигне и нивниот потенцијал за раст. Меѓународните институции можат да го поддржат овој процес преку дополнително финансирање, а особено за земјите коишто не се членки на ЕУ и немаат пристап до европските структурни фондови“, рече Ангеловска-Бежоска.

Инаку, оваа конференција ги обединува гувернерите на централните банки, како и министрите за финансии од регионот на ЦИЈЕ и високи претставници на меѓународни финансиски организации.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.