Култниот серијал „(И)стории на филмот“ на Жан – Лик Годар денеска во Кинотека на Македонија

Како дел од фестивалската програма на Филозофскиот филмски фестивал (ФФФ), денеска во Кинотеката во 18.15 часот ќе бидат прикажани првите четири епизоди од вкупно осум, што се дел од култниот серијал насловен како „(И)стории на филмот“ на Жан - Лик Годар

Фото: Филозофски филмски фестивал

Како дел од фестивалската програма на Филозофскиот филмски фестивал (ФФФ), денеска во Кинотеката во 18.15 часот ќе бидат прикажани првите четири епизоди од вкупно осум, што се дел од култниот серијал насловен како „(И)стории на филмот“ на Жан – Лик Годар.

Овие проекции се посветени на фестивалски фокус кон филмскиот великан од францускиот нов бран Жан-Лик Годар (1930-2022) од каде што е инспирирано и годинешното мото „Сè е филм, во множина“.

„Својствено на човекот-филм Жан-Лик Годар секако не предлага хронолошка историја на кинематографијата, туку двојно истражување, патување низ историјата на двесеттиот век, низ земјата на сликите, но и истражувања на творештвото на самиот Годар, автопортрет на режисерот. (И)стории на филмот е приказна за емоциите создадени од филмската уметност и приказна за осаменоста на творецот. Со извадоци од познати филмови, Годар ни покажува како филмот мора да се бори против фотографијата, телевизијата и литературата за да го репродуцира реалното“, се вели во соопштението на ФФФ.

На програмата во летното кино „Мирно лето“, пак, вечерва од 21 часот ќе бидат прикажани седум филмови од официјалната селекција на краткометражни филмови: „Пред потоа“, Филип Бојароски, „Алба вулва“, Дорка Вермеш, „Те молам потруди се“, Даниел Соариш, „Тивкиот свиреж“, Ли Јинг тонг, „Лудило“, Бјанка Желештеи, „Гробишта на коњи“, Џјанг Шјао шјуен, „На тронот на Ксеркс“, Еви Калогиропулу.

Програмата продолжува утре во Кинотеката од 17 часот кога ќе биде втората проекција на „Некрстени денови“ (2022) од Иво Трајков, овојпат во официјалната селекција на долгометражни филмови, а по него во 18.30 часот е „Последниот снег“ (2022) на Амирхосеин Асгари, чевртиот филм од официјалната селекција на долгометражни филмови.

Последниот филм за утрешната програма (вторник 6 јуни, 21 часот) е антологискиот филм од 1969 година „Голи во седло“ на Денис Хопер.

Останатите четири епизоди од годаровите „(И)стории на филмот“ се на програмата в среда од 18.15 часот, а во 21 часот е проекцијата на „Станарот“, на Роман Полански, филм од 1976 година за кој излагање ќе има филмскиот критичар Златко Ѓелески.

Филозофскиот филмски фестивал ќе биде затворен во петок кога ќе бидат прогласени добитниците на „Златен був“ од стручното жири и од публиката.