Недовербата во бугарскиот претседател Радев за првпат е поголема од довербата

-

Најновата анкета на „Маркет линкс“ на бТВ покажува дека поголемиот дел од бугарските граѓани за првпат имаат поголема недоверба од доверба во бугарскиот претседател Румен Радев, пишува Медиапул.бг. Така, 40 отсто од анкетираните лица имаат доверба во претседателот Радев, додека 41 отсто од испитаниците одговориле дека немаат доверба во него. Во минатото, Румен Радев имаше доверба кај мнозинството Бугари, односно околу 55 отсто од граѓаните му искажуваа доверба на бугарскиот претседател.

Истражувањето е спроведено во периодот од 10 до 20 декември, на национален репрезентативен примерок во Бугарија.

Последната анкета покажува дека кај бугарските граѓани се намалува довербата во политичарите. Па така, техничкиот премиер Галаб Донев има доверба од само 18 отсто од граѓаните, додека 43 отсто немаат доверба во него.

Резултатите од анкетата велат дека мнозински 51 отсто од бугарските граѓани сметаат дека сите политички партии кои влегоа во бугарскиот парламент ќе ја сносат одговорноста при неуспехот да изберат нова бугарска влада. Втор главен виновник за ваквиот неуспех е ГЕРБ на Бојко Борисов, за кого се определиле 14 отсто од граѓаните, додека 6 отсто од нив сметаат дека одговорноста треба да падне на партијата Промените продолжуваат.

Она што е најзагрижувачки за анкетата е дека речиси 85 отсто од бугарските граѓани сметаат дека Бугарија се движи во негативна насока, додека само 10 отсто од анкетираните лица одговориле дека земјата се развива во позитивна насока.

Анкетните резултати покажуваат дека ГЕРБ на Борисов има поддршка од 22,6 отсто од гласачите, додека Промените продолжуваат во моментов ја поддржале 16,2 отсто од испитаните лица. Доколку во моментов се одржат парламентарни избори во Бугарија, 12,2 отсто од граѓаните би гласале за ДПС, додека 10 отсто би ја поддржале проруската партија Преродба. Во бугарскиот парламент би можеле да влезат и Бугарската социјалистичка партија, која би освоила 9,6 отсто од гласовите, како и Демократска Бугарија која ја има довербата кај 8,3 отсто од анкетираните лица.

Партијата Бугарски подем, на чие чело е поранешниот технички премиер Стефан Јанев, би освоила само 2,6 отсто од гласовите и не би успеала да влезе во новиот состав на бугарскиот парламент. Под прагот од 4 отсто за влез во парламентот останува и партијата Има таков народ на Слави Трифунов.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поевтинуваат бензините и дизел горивото

Бензините Еуросупер БС 98 и Еуросупер БС 95 се намалуваат за еден, односно за половина денар за литар, а дизел горивото се намалува за денар и половина, соопштија во...