Самит на Г-20: Лидерите ветија акција за климатските промени, но преземаа мали обврски

Фото: Влада на Бразил / Wikimedia Commons

Лидерите на групата Г-20, составена од дваесетте најголеми економии во светот, се согласија околу изјавата во која се повика на значајна и ефективна акција за ограничување на глобалното затоплување, но понудија недоволно конкретни заложби и ги разочараа климатските активисти, пишуваат светските новински агенции.

Во коминикето, официјалната изјава објавена од лидерите на крајот од самитот кој се одржа во Рим, недостасува повикот за постигнување нето нула стакленички гасови до 2050 година, што многу земји ветија дека ќе го сторат, а за кое климатолозите велат дека е клучно за да се избегне климатска катастрофа, пишува „Би-би-си“.

„Ројтерс“ јавува дека во финалниот документ стои дека актуелните национални планови за тоа како да се ограничат емисиите ќе треба да се зајакнат „доколку е потребно“, но нема конкретно упатување на 2050 година како краен датум за постигнување нето нула јаглерод диоксид.

Во коминикето, сепак, се ветува дека до крајот на годинава ќе престане финансирањето на нови фабрики за јаглен на меѓународно ниво, што претставува силна порака до земјите зависни од јаглен, како Кина, Русија и Индија.

Групата Г-20, составена од 19 земји и Европската Унија, учествува со 80 отсто од емисиите на стакленички гасови во светот.

Активистите го искажаа своето разочарување од изјавите на лидерите на Г-20, сметајќи дека нивните заложби се слаби. Тие се загрижени и дека постигнувањето на договор нема да биде лесно, бидејќи помеѓу лидерите кои не се појавија на самитот е и кинескиот претседател Си Џинпинг. Кина е најголемиот загадувач во светот, иако, по глава на жител, нејзините емисии изнесуваат речиси половина од оние на САД.

„Ова беше момент за Г-20 да дејствуваат со одговорноста што ја имаат како најголеми емитери, но сепак гледаме само полумерки, наместо конкретна итна акција“, вели Фридрик Родер, потпретседател на движењето „Global Citizen“ кое се бори за одржлив развој.

Генералниот секретар на Обединетите Нации (ОН), Антонио Гутереш, кој претходно предупреди дека светот ита кон климатска катастрофа, на Твитер напиша дека самитот во Рим ниту ги исполнил, ниту ги закопал неговите надежи.

„Иако ја поздравувам повторната посветеност на Г-20 за глобални решенија, го напуштам Рим со моите надежи неисполнети – но барем не се ниту закопани“, напиша Гутереш.

Резултатот од дводневните тешки преговори помеѓу дипломатите остава уште многу работа која треба да се заврши на климатскиот самит во Глазгов, кој започна денес и каде ќе присуствуваат повеќето лидери од Г-20.