КОП26: Самит во Глазгов за спас на планетата Земја

Студенти на пред КОП26 протест во Милано, Италија на 1.10.2021 г. На транспарентот е напишано: „Титаник немаше да има проблем во 2021 г.“ | Фото: Mænsard vokser, CC BY-SA 4.0, Викимедија комонс

На Самитот за климатските промени КОП26 кој почнува денеска во Глазгов и ќе трае до 12 ноември, ќе учествуваат околу 200 земји. Самитот кој првично требаше да се одржи минатата година но беше одложен поради пандемијата на ковид-19, се смета за клучен настан за иднината на планетата. Активисти од целиот свет предводени од Грета Тунберг пристигнуваат во шкотскиот град. Тие имаат за цел да извршат притисок врз светските лидери да ги исполнат своите ветувања за намалувањето на штетните емисии на стакленички гасови и да го ограничат просечниот раст на температурите.

Британскиот премиер Борис Џонсон кажа дека Самитот ќе биде момент на вистината за светот.

„Сите се прашуваат дали ќе ја искористиме шансата или ќе дозволиме да ни избега“, рече тој.

Државите треба да кажат како ќе ги намалат емисиите до 2030 година за да ѝ помогнат на Земјата. Научниците предупредуваат дека е неопходна итна акција за да се спречи климатска катастрофа. На самитот треба да се зборува за ветувањата за ограничувањето на глобалното загревање на 1,5 Целзиусови степени во споредба со прединдустриското ниво, што, според научниците, е клучно за да се избегнат најстрашните последици.

„Има сериозен ризик дека самитот во Глазгов нема ништо да реши. Иако неодамнешните ветувања беа јасни и веродостојни, ние сè уште се движиме кон климатска катастрофа“, рече генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш.

Некои од учесниците на самитот пешачеле илјадници километри за да стигнат до Глазгов. Централен протест е најавен за следниот петок, на кој треба да учествуваат 100.000 луѓе. Протестот ќе го обезбедуваат 10.000 полицајци од Велика Британија.