Од септември оваа година сите медицински сестри и техничари кои што завршиле високо медицинско школо или специјализација со добиени 180 односно 240 кредитни поени, ќе добијат соодветен надоместок за своето образование.
Ова го најави министерот за здравство Венко Филипче по денешниот работен состанок со директорите на ФЗО Стево Крстевски и Фатон Ахмети, Претседателот на Самостојниот Синдикат за здравство, фармација и социјална заштита Љубиша Каранфиловски и претставници на Здружението на медицинските Сестри, техничари и акушерки.
Од министерството за здравство соопштуваат дека овој проблем на неисплаќање за образование на медицинските сестри и техничари датира од 2015 година па сè до денес.
„Во 2015 година е направен пресек со донесувањето на одлука да се платат само специјализации односно високите школи на тие што до тогаш завршиле и сите медицински сестри и техничари коишто инвестирале во своето образование од 2015 натаму тоа неможе да го валоризираат преку својата плата,“ информираат од Министерство за здравство.
„Во нашиот здравствен систем тој сооднос е се уште многу понизок со тоа што негде околу 23 отсто се сестри со високо образовани и техничари со високо стручно образование па се надеваме дека со ваквиот пристап, со овој додаток на образование којшто значи дека вработените ќе ја земат разликата меѓу коефициентот од средно до високо стручно образование ќе значи нивно препознавање во здравствениот систем,“ изјави Каранфиловски.