fbpx

Возачот во сообраќајката на „Рузвелтова“ не бил пијан, туку му се слошило

-

Информацијата пласирана во дел од медиумите, а потоа и споделена со линк на Фејсбук, во која се тврди дека возачот во сообраќајката на улицата „Рузвелтова“ бил пијан, е погрешна. Подоцна се покажа дека нему му се слошило и со автомобилот удрил првин во друго возило во движење, а потоа и во дрво на улицата. По сообраќајната несреќа, тој со Брза помош бил пренесен на Ургентен центар, но докторите не успеале да му го спасат животот, пишува „Вистиномер.мк“ во новата анализа.

 

По тешката сообраќајка која попладнето на 14 октомври  се случи на улицата „Френклин Рузвелт“ во Скопје, а во која почина пулмологот Трајче Нешковски (32), кому му се слошило и со автомобилот се забил во дрво, неколку медиуми излегоа со дезинформација дека „пијан возач ја предизвикал несреќата и повредил неколку лица“, а некои веста ја проширија и на Фејсбук (овде).

Нашата проверка покажува дека ваквата неточна вест во медиумите најпрво била објавена на „Сител“, од каде што без да се провери, туку само со повикување на споменатата телевизија, е преземена и од други медиуми. Веста гласи:

Неколку лица се повредени во сообраќајна несреќа на што попладнево се случила на крстосницата меѓу улиците „Франклин Рузвелт“ и „Орце Николов“, пренесува „Сител“.

Очевидци за телевизијата велат дека возач на автомобил во алкохолизирана состојба удрил во друг автомобил. Се обидел да побегне од местото на настанот преку тротоар и удрил во дрво.

Според неофицијалните информации повредени се неколку лица.

Веста којашто погрешно ја информира јавноста беше пласирана со следните наслови:

  1. Пијан возач повредил неколкумина на РузвелтоваСител
  2. ПИЈАН возач направил карамбол на „Рузвелтова“Вечер.мк
  3. ПИЈАН возач направил карамбол на „Рузвелтова“Весник
  4. Пијан возач повредил неколкумина на „Рузвелтова“Република
  5. Тешка несреќа на Рузвелтова: Пијан возач со возило удрил во друг автомобил, па во дрвоЦентар.мк
  6. Тешка несреќа на Рузвелтова: Пијан возач со возило удрил во друг автомобил, па во дрвоПрес 24

Во меѓувреме, „Сител“ ја избришал веста, а тоа го сториле и „Центар.мк“, и „Прес 24“. Порталот „Република“, пак, го сменил само насловот и тој сега гласи: „Возач повредил неколкумина на „Рузвелтова““, ама содржината  не е променета. До моментот кога е пишуван овој текст, неточната вест сѐ уште стои на порталите: „Вечер.мк“ и „Весник“.

Инаку, освен во медиумите, и на Твитер имаше објава во која се тврди дека возачот бил пијан, но твитот подоцна беше избришан.

Меѓутоа, набрзо по ваквите објави се покажа дека споменатата вест е целосно погрешна. Порталот „Сакам да кажам“ , а потоа и други медиуми, вечерта објавија дека пулмологот Трајче Нешковски (32) починал откако му се слошило и со автомобилот удрил први во друго возило во движење, а потоа и во дрво на улицата „Рузвелтова“ во Скопје. По сообраќајната несреќа, тој со Брза помош бил пренесен на Ургентен центар, но докторите не успеале да му го спасат животот.

Пациентот почина по час и пол реанимација. Телото е предадено на Судска медицина за да се утврди точната причина за смртта. Станува збор за наш млад колега-специјализант на Клиниката за пулмологија, кој ја водеше ковид-единицата во детската болница Козле, а денеска беше на должност на Инфективната клиника. Нашите индиции се дека нешто му се случило“, изјави за САКАМДАКАЖАМ.МК д-р Маја Мојсова, раководител на Клиниката за реанимација (КАРИЛ) во Клиничкиот центар.

Од МВР соопштија дека на 14.10.2020 во 16.45 часот било пријавено дека на ул.„Франклин Рузвелт“ во Скопје се случила собраќајна незгода помеѓу патничко возило „цитроен“, со гостиварски регистарски ознаки, управувано од Т.Н.(32) од Гостивар и патничко возило „опел“, со струмички регистарски ознаки, управувано од Г.К.(34) од с. Просениково, струмичко.

 Т.Н. се здобил со тешки телесни повреди по што бил пренесен на Комплексот клиники „Мајка Тереза“, каде починал. Со телесни повреди се здобила Г.К., констатирани во Градската општа болница „8 Септември“. Извршен бил увид на местото на незгодата од увидна екипа од СВР Скопје и Јавен обвинител, по чија наредба телото на починатиот е предадено за обдукција, се вели во дневниот билтен на МВР

Значи, обдукцијата ќе ја покаже точната причина за смртта. Она што во моментот се знае е дека на младиот пулмолог Нешковски му се слошило додека возел и дека најверојатно се работи за срцев удар. Но, не станува збор дека наводно бил пијан, како што се тврди во веста која сѐ уште ја има на Фејсбук.

Ваквото паушално пласирање информации не само што е непрофесионално, туку е и нечовечко и неетичко и кон починатиот и кон неговото семејство.Тоа е спротивно на принципите утврдени во новинарскиот Кодекс, кој налага вестите да бидат ослободени од сензационализам, а нивната точност  добро да се провери пред да бидат објавени во јавноста.

Инаку, пулмологот Нешковски беше и генерален секретар на СДММ. Функционери на СДСМ преку социјалните мрежи вчера упатија сочувство до неговото семејство и пријателите.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ДИК апелира да не им се попречува работата на новинарите за време на изборите

Државната изборна комисија (ДИК) денеска достави писмен одговор по испратената претставка од страна на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), поврзана со случајот со прекршувањата на правата на новинарката...