Социјалдемократскиот сојуз на Македонија денеска најави дека ќе поднесе „соодветна пријава“ против градоначалникот на општина Карпош, Стевчо Јакимовски, поради кршење на Изборниот законик со поставувањето камен-темелник за нова градинка во општината.
„Откако СДСМ вчера ги обелодени лошите услови во градинката „Мајски цвет“ и беше обелоденето дека Стевчо Јакимовски со години ги лажеше граѓаните и им ветуваше изградба на нова градинка во населбата Бардовци, продолжената рака на Никола Груевски и градоначалник во заминување, денеска побрза да удри камен-темелник на новата градинка „Аврам Писевски“ во оваа населба“, велат од СДСМ.
Според партијата, ваквите активности на Јакимовски се спротивни на членот 8-а од Изборниот законик.
„Јакимовски нема да успее да ги прикрие штетите што им ги нанесе на граѓаните со неговото неодговорно, расипничко и коруптивно владеење со општина Карпош“, порачуваат од СДСМ.