Стотици пожарникари од сите делови на Хрватска се борат со шумскиот пожар што најпрво изби околу градот Сплит, а потоа и навлезе во него. Од 7 часот утрово на помош пристигнаа и авионите за гаснење пожари, „канадер“ и „ертрактор“. Небото над Сплит е сиво и изгледа како покриено со густи облаци.
Во гаснењето на пожарот кај Сплит ангажирана е и хрватската војска, која вчера заедно со граѓаните во Сплит се бореше со огнената стихија во ракетната база Жрновница и во градските четврти Камен и Кила.
Шумски пожари беснеат и во Срњине, Жрновница, Подстрана, Строжанец. Изгорени се голем број куќи на перифериите на населените места, како и деловни објекти и автомобили. Дел од населението самоволно ги напушти живеалиштата во загрозените подрачја. Во „Спаладиум арена“ е отворен прифатен центар. Ангажирани се и спасувачи, екипи на брза помош, како и полицијата.
Во пожарот што од вчера беснее на потегот од Сплит до Омиш полесно се повредени околу 80 луѓе, главно пожарникари, и за среќа нема потешко повредени.
Се смета дека досега се изгорени 4.500 хектари борова шума, насади со маслинки, ниска вегетација покрај куќите и деловните објекти.
Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ пристигна во Сплит на состанок со кризниот штаб.