Министерството за одбрана ги понуди капацитетите на воениот камп „Васко Карангелески“ кај Свети Наум, за сместување на граѓаните вознемирени од серијата земјотреси што го зафатија подрачјето на Охридско Езеро во последните две недели. Во повикот се вели дека за граѓаните кои имаат штета од досегашните потреси и чувствуваат потреба да се засолнат во воениот камп, може да се јават на мобилниот телефон 070 403 392 и да го побараат Ристе Спасовски, раководител на секторот за услуги, туризам, одржување и возен парк во Министерството за одбрана.
Во меѓувреме, тлото не престанува да се тресе. Земјотрес со јачина од 3,8 степени според Рихтер е почувствуван утрово во Охрид и во околината. Епицентарот бил помеѓу селата Косел и Јанкоец.
Силен земјотрес го потресе Охрид и пред полноќ, чија магнитуда беше 4,1 степен според Рихтеровата скала. По него следуваа два помали потреси со магнитуда од 2 степени и еден во 3 часот со магнитуда 3 степени.
Вознемиреноста кај граѓаните е голема. Изминатата ноќ многумина решија да ја поминат на отворено, а се бројат и штетите на објектите кои засега се од помал обем и најчесто се работи за паѓање на оџаци, доградби, оштетени балкони и ѕидови.
До Центарот за управување со кризи досега биле пријавени штети на околу 200 објекти.
Од 18 јуни во Охридскиот Регион регистрираани се повеќе од 1.000 земјотреси.