Вработените во фабриката за шински возила „Колска“ во Велес изутринава го блокираа железничкиот сообраќај. На железничката станица во Велес, утрово штрајкувачите блокираа четири патнички возови, три домашни и еден меѓународен, кои од 7 до 9 часот стоеја на станицата во Велес.
Вработените тврдат дека блокадата на сообраќајот е единствениот начин да извршат притисок врз „МЖ – Транспорт“ и врз Министерството за транспорт и врски за исплата на заостанатите плати.
– Остваривме средба со премиерот Зоран Заев, добивме ветување дека ќе ни се исплатат заостанатите плати, се сретнавме и со министерот Сугаревски и со директорот на „МЖ – Транспорт“, но решение нема. Денеска е десетти ден, пари нема, тоа ни го кажа и директорот на „МЖ – Транспорт“. Ние си ги бараме парите што ни се одработени, 6,5 милиони денари имаме одработено, тоа е доволно за една и пол плата – вели синдикалецот Слободан Димитриев.
Од синдикатот велат дека доколку во текот на денешниот ден не им бидат исплатени бараните плати, блокадата на железничкиот сообраќај ке продолжи и утре, но тогаш ќе трае 60 минути подолго, односно од 7 до 10 часот.