Зоолошката градина во Скопје соопшти дека утринава угинал едниот од двата морски лавови што беа донесени од зоолошката од Загреб, а причината за угинувањето сè уште не е позната.
„Ве известуваме дека денеска во утринските часови угина едниот од двата морски лавови, кои се дојдени од зоолошката градина од Загреб. Не знаеме дали ниската температура и временските услови се причината за угинувањето на морскиот лав. Морскиот лав е даден на обдукција на Факултетот за ветеринарна медицина. По добивањето на резултатите од обдукцијата, подетално ќе известиме за причината за смртта“, велат од Зоолошката градина.
Двата морски лавови, браќата Аби и Кан, кои се калифорниски морски лавови, во ЗОО Скопје пристигнаа во септември 2015 година.
За возврат за двојката морски лавови, скопската зоолошка на загрепската градина ѝ подари два белоглави орли.