Обвинителката Јасмина Костевска Здравевска од Основното јавно обвинителство во Скопје како неосновано го одбила барањето за кривично гонење против Миленко Неделковски за ширење на говор на омраза и загрозување на сигурноста на граѓаните кое го поднесоа Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на медиуми и медиумски работници (ССНМ).
– На наше големо изненадување, обвинителката го одби наше барање како неосновано. Обвинителката Здравевска смета дека Неделковски само искажал негови ставови и не поттикнувал омраза, дискриминација или насилство врз основа на национално потекло или верско убедување. Обвинителката исто така цени дека пријавениот со објавените постови не ја загрозил сигурноста на новинарите. ЗНМ и ССНМ го обжалија ова решение и се надеваме дека Вишото јавно обвинителство објективно ќе ја процени ситуацијата и ќе отвори предмет против Неделковски за упатени закани и ширење на омраза – изјави Насер Селмани, претседател на ЗНМ.
Тој рече дека нивната идеја е да ги заплашат и обесхрабрат новинарите да не пишуваат за масовната злоупотреба на институциите и на кршењето на човековите права.
– Силно се солидаризираме со нашите колеги, а на креаторите и пренесувачите на овие заканувачки пораки им порачуваме дека не им се плашиме и дека ќе продолжиме да работиме во интерес на јавноста. Свесни сме дека власта не сака само да предизвика несигурност и страв кај новинарите, туку и да го наруши нивниот кредибилитет како и достоинството на новинарството – изјави Селмани.
Неделковски на неговиот „Фејсбук“ профил ги посочи како предавници новинарите Јадранка Костова, Бранко Геровски, Борјан Јовановски и Сашо Ордановски и им се закани дека ќе ги посети дома за да се пресмета со нив. Со тоа Неделковски поттикна и трети лица да ги напаѓаат новинарите и со што ја доведоа во прашање нивната безбедност.