Сите сакаме да бидеме во Европа и да бидеме Eвропјани. Оваа школа е влог во таа европеизација на Македонија, и доколку поради познатите блокади не можеме да бидеме дел од ЕУ, барем младите да ги направиме Европјани во Македонија, рече претседателот Ѓорге Иванов во обраќањето пред учесниците на „Школата за млади лидери“ која денеска започнува во Охрид.
– Моментот на одлука е она што ве прави да сте свои. Носењето одлука е она што влијае врз другите да го почитуваат она што сте го направиле. Човек што не носи одлуки е склон да робува, да се покорува, а оној што носи вистински одлуки е учител, оној што го следат – изјави претседателот Иванов.
Пред учесниците се обратија и поранешниот претседател на Бугарија, Петар Стојанов, како и поранешниот шеф на италијанската дипломатија и еврокомесар за правда, Франко Фратини.
Вкупно 44 учесници и околу 20 предавачи од Македонија, Европа, САД, Израел и Мароко се дел од Школата за млади лидери која ќе трае до 28 август.