Само 10 проценти од македонските домаќинства се осигурани од штети и свесноста за овој вид осигурување кај граѓаните сè уште е мала. Генерално, постои неинформираност во поглед на полисите што ги нудат осигурителните компании, што покриваат тие и која е добивката од нив.
– На македонскиот пазар функционираат 11 осигурителни компании. На прв поглед, се чини дека тоа е голема бројка за толку мал пазар. Но, пазарот има голем потенцијал, бидејќи свесноста на луѓето за одреден вид осигурување е сè уште мала. Покрај осигурувањето за автоодговорност, луѓето речиси и не се информирани за другите видови осигурување и за добивките од нив – изјави извршниот директор на „Евроинс осигурување“, Јанко Николов.
Пазарниот удел на компанијата во овие 10 проценти домаќинско осигурување е 3 проценти, а на крајот на мај полисираната премија изнесува 206 милиони денари.