Заев за Лондонскиот самит: Македонија имаше специјално место


       
Лондон, 11 јули, 2018 - 9:43 (META) 

Премиерот Зоран Заев во оценката за учеството на ова издание на Самитот ЕУ/Западен Балкан во Лондон вели дека Република Македонија имала специјално место на овој собир посветен на Регионалната економската соработка, потоа на надворешната политика и билатералните прашања и наследство од минатото, како и на безбедносните прашања и миграциите.

– Мора да се каже дека Република Македонија има специјално место на ова издание на Самитот на ЕУ за Западен Балкан. Со постигнатиот договор македонско-грчкиот спор за името и за стратегиско партнерство со Грција, како и со датумот за преговори со Европската Унија, нашата земја е препознаена како лидер во регионот од аспект на надворешната политика и билатералните прашања и наследство од минатото. Начинот на кој нашата земја ги затвори отворените прашања со сите соседи е модел за успешна приказна што ја поздрави целиот демократски свет, и посебно нашите соседи и нашите партнери во Европската Унија – изјави Заев по завршувањето на Лондонскиот самит.

Заев имаше средба и со Високата претставничка за безбедност и надворешна политика на ЕУ, Федерика Могерини, на која биле и вицепремиерот Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров.

Како што соопштија од Службата за односи со јавноста на Владата, Могерини лично му честитала на Заев за одлуката на Европскиот Совет да одреди датум за отворање на преговорите во делот за поглавјата за членство во ЕУ, како и за храбрата одлука за постигнување на договор со Грција.