fbpx

Не постои никаков план за затворање и контролирање на луѓето во „15-минутни градови“

Градоначалникот на Лондон не потпишал никаков договор со СЕФ со кој ќе им наметне некакви правила на неговите жители. Концептот „15-минутни градови“ е создаден од Карлос Морено, професор на Универзитетот Пантеон Сорбона, а идејата е сите жители на еден град да можат да пристапат до сите основни услуги што им се потребни за 15 минути пешачење или возење велосипед, пишува Вистиномер

-

Објавата шири невистини дека луѓето ќе се затвораат во „15-минутни градови“, дека ќе им биде диктирано што и колку да јадат, каде да се движат и какви автомобили да возат. Градоначалникот на Лондон не потпишал никаков договор со СЕФ со кој ќе им наметне некакви правила на неговите жители. Концептот „15-минутни градови“ е создаден од Карлос Морено, професор на Универзитетот Пантеон Сорбона, а идејата е сите жители на еден град да можат да пристапат до сите основни услуги што им се потребни за 15 минути пешачење или возење велосипед, пишува Вистиномер. 

Текстот го пренесуваме во целост:

 

Анализираме објава на Фејсбук која шири теорија на заговор во врска со т.н.„15-минутни градови“.

Шијам Батра, кандидат за градоначалник на Лондон на изборите во мај годинава зборува за уште една “теорија на заговор”, петнаесетминутните градови, пишува во објавата.

Објавата споделува видео од Шијам Батра, кој беше кандидат за градоначалник на Лондон, кој го обвинува актуелниот градоначалник Садик Кан дека потпишал некаков договор со Светскиот економски форум (СЕФ) со кој се воведуваат „15-минутни градови“ во кои на луѓето ќе им се диктира каде да се движат, што и колку да јадат и да користат исклучиво електрични возила. Во спротивно, како што тврди Батра, договорот предвидувал да им се блокираат банкарските сметки на оние кои нема да ги почитуваат „правилата“. Батра во тој контекст ги спомнува и Ц40 градовите, велејќи дека тоа се „15 минутните градови“ кои СЕФ ги креирал под тој назив. Батра како доказ за она што го говори ги посочува „тиктокерите“.

Вистиномер веќе има пишувано за концептот на „15-минутните градови“ и тој не претставува никакво заклучување или ограничување на движењето и потребите на граѓаните, како што теоретичарите на заговор сакаат да го прикажат. Оваа теорија на заговор особено се засили по пандемијата со ковид-19.

Постои идеја за „15-минутни градови“, но нејзината цел не се никакви климатски заклучувања, ниту пак, изградба на некакви логори, како што тврдат теоретичарите на заговор.

Објавата се однесува на концептот „15-минутни градови“ создаден од Карлос Морено, професор на Универзитетот Пантеон Сорбона, но сосема погрешно го толкува. Премисата е дека сите жители на еден град треба да можат да пристапат до сите основни услуги што им се потребни во рок од 15 минути пешачење или возење велосипед.

Креаторот на концептот „15-минутни градови“ вели дека планот има за цел да ги зголеми стоките и услугите за жителите. Тој не спомнува никакво заклучување или ограничување на жителите во нивните заедници. Концептот на „15-минутниот град“ предвидува дека сите наши основни потреби треба да се задоволат во рок од 15 минути пешачење или возење велосипед од нашиот дом.

„15-минутниот град“ е град во кој услугите се во близина, го олеснуваат животот и им служат на граѓаните, вели креаторот на концептот, професорот Карлос Морено за Euronews Next.

Она што го сакаме е во градот да не мора да патувате многу далеку, односно, да патувате не повеќе од 15 минути – од местото од  каде што живеете, без разлика дали тоа е кога одите на работа, да пазарувате, да пристапите до здравствената заштита, да уживате во културата или да се опуштите, вели Морено.

Наместо концепти на градови со различни области за живеење, дружење и работа, концептот на Морено го предвидува урбаниот центар како таписерија на населби каде што коегзистираат сите три функции.

Според професорот Морено, за да обезбедиме максимум услуги и активности на локално ниво, мора повторно да замислиме како можеме најдобро да ја искористиме постоечката инфраструктура.

Во град како Париз, на пример, зградите се користат 30 или 40 отсто од времето. Тоа значи дека 60 или 70 отсто од денот, зградите се празни подолго отколку што се во употреба. Но, сепак се во многу добра состојба. Затоа, сакаме многу повеќе да ги искористиме зградите за да може да бидат домаќини на други активности, не само за оние за коишто биле првично замислени, објаснува тој за Euronews Next..

Вистиномер пишуваше и за тоа дека е неточно тврдењето оти планот за намалување на сообраќајот во Оксфордшир ќе ги ограничи жителите во нивните населби.

Што се однесува до тврдењето на Батра дека градоначалникот на Лондон потпишал некаков договор со СЕФ за Ц40 градови, со којшто на жителите ќе им се воведат низа ограничувања, како што пишува Ројтерс, ваквата теорија на заговор потекнува од напис на „Гласот на народот“ од 18 септември 2023 година.

„Гласот на народот“ тогаш објавил дека Кан потпишал договор со Светскиот економски форум (СЕФ) „кој законски му дава можност на градот да ги забрани месото, млечните производи и приватните автомобили до 2030 година“.

Но, написот на „Гласот на народот“ не дава извор или докази за своето тврдење, ниту пак, дава дополнителни детали за тоа кога и каде е потпишан т.н. договор, наведува Ројтерс во својата анализа за проверка на фактите.

Наместо тоа, написот се однесува на анализата на емисиите на јаглерод, спроведена од C40 Cities Climate Leadership Group која се опишува себеси како „глобална мрежа на градоначалници на водечките градови во светот кои се обединети во акција за да се соочат со климатската криза“. Од 2021 година копретседавач на оваа мрежа е токму Кан, според веб-страницата C40 Cities, пишува Ројтерс.

Извештајот на C40 Cities, објавен во јуни 2019 година во соработка со консултантската компанија за одржлив развој Аруп и Универзитетот во Лидс, споменува „амбициозни“ цели за нула приватни возила и 0 кг потрошувачка на месо и млечни производи до 2030 година – но не ги повикува градоначалниците или лидерите да спроведат конкретни промени во политиката за да се исполни оваа цел.

На страница 68 од извештајот се вели:

Овој извештај не се залага за целосно усвојување на овие поамбициозни цели во Ц40 градовите; Наместо тоа, тие се вклучени за да обезбедат збир на референтни точки на кои градовите и други актери можат да се потпрат кога размислуваат за различни алтернативи за намалување на емисиите и долгорочни урбани визии, го цитира Ројтерс извештајот.

Исто така, нема докази кои сугерираат дека извештајот C40 Cities е договор што треба да се потпише.

Портпаролот на C40 Cities изјавил за Ројтерс:

Извештајот е генеричка анализа на емисиите засновани на потрошувачката, не гледајќи во некој конкретен град на C40. Тоа не е план што градовите треба да го усвојат. На поединците им останува да го направат својот личен избор на животниот стил, вклучително и каков вид на храна да јадат и каков тип на облека претпочитаат.

Портпаролот додал дека извештајот не е финансиран од СЕФ и дека C40 Cities не добива никакво финансирање или има партнерство со организацијата.

Портпаролот на СЕФ, во изјава за Ројтерс го оценил тврдењето изнесено во написот на „Гласот на народот“ како „неосновано и неосновано“.

Портпаролот на канцеларијата на градоначалникот на Лондон за Ројтерс рекол дека написот на на „Гласот на народот“ е „погрешна референца“ за работата на Кан со C40 Cities.

На прашањето на Ројтерс дали Кан потпишал или имал какви било планови за спроведување на политики за забрана или ограничување на потрошувачката на месо и млечни производи, ограничување на сопственоста на приватни автомобили, летови и купување облека во Лондон, портпаролот одговорил: „Апсолутно не“.

На оваа тема пишувале ипроверувачите на факти на Дојче веле и АП.

Од сето погоре можеме да заклучиме дека не постои никаков план за заклучување на луѓето во „15-минутни градови“, а уште помалку тоа се некакви Ц40 градови во кои на луѓето ќе им биде диктирано што и колку да јадат, каде да се движат и какви автомобили да возат. Градоначалникот на Лондон не потпишал никаков договор со СЕФ со кој ќе им наметне некакви правила на жителите на тој град. Според концептот „15-минутни градови“ создаден од Карлос Морено, професор на Универзитетот Пантеон Сорбона, премисата е дека сите жители на еден град треба да можат да пристапат до сите основни услуги што им се потребни во рок од 15 минути пешачење или возење велосипед. Извештајот на C40 Cities, објавен во јуни 2019 година споменува „амбициозни“ цели за нула приватни возила и 0 кг потрошувачка на месо и млечни производи до 2030 година – но не ги повикува градоначалниците или лидерите да спроведат конкретни промени во политиката за да се исполни оваа цел.

Според сето ова, објавата што ја анализираме, ја оценуваме како неточна.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Матура ќе се полага вo училишни холови, за да не се случи тестаторот да го нема, а учениците да прават селфи

Oколу 600 матуранти од средното медицинско училиште „Панче Караѓозов“ викендов полагаа пробна државна матура. Тие пишуваа есеј кој е задолжителен дел од испитот по мајчин јазик, а импровизираното полагање...