Заев: Ќе поднесам оставка ако референдумот не успее


       
Скопје, 26 јуни, 2018 - 9:52 (META) 

Премиерот Зоран Заев во интервју на телевизијата „1тв“ изјави дека е сигурен дека референдумот за договорот со Грција ќе успее, но доколку не се случи тоа ќе поднесе оставка.

– Ќе си заминам ако не успее референдумот во Македонија, но многу сум сигурен дека ќе успее. Очекувам огромна поддршка од граѓаните и сериозни проценти на поддршка, 77 до 85 отсто, согласно на тоа колкави се процентите на граѓаните кои се изјасниле дали се за ЕУ и НАТО – рече Заев.

Според неговите зборови, граѓаните немаат што да бираат, бидејќи Македонија нема алтернатива, туку само треба да потврдат дека сакаат нивната земја да биде членка на ЕУ и НАТО.

– Убеден сум дека граѓаните ќе донесат одлука за европска иднина, за себе и за другите генерации. Одлуката е едноставна, патот за ЕУ и НАТО е еднонасочен – вели премиерот.

Заев додаде дека во владејачката коалиција се уште не размислувале за формулацијата на референдумското прашање, но истакна дека ќе биде поврзано со одлуката за името и со ЕУ и НАТО.