fbpx

Заев: Груевски, Мијалков и Јанкулоска го урнисале правосудниот систем

-

Ова што се случувало во Македонија, дрско и недозволиво самоволие на Никола Груевски на неговиот братучед Сашо Мијалков и на неколкумина поддржувачи, го урнало правосудниот систем, истакна претседателот на СДСМ, Зоран Заев, на прес-конференцијата за т.н. дванаесетта „бомба“.

Тој рече дека судиите биле местени од Никола Груевски, Сашо Мијалков и од Гордана Јанкулоска.

– Тие имале поддршка и во ДУИ. Оваа „група“ местела судии по подобност, нарачувала судски пресуди – рече Заев.

Во првиот разговор што го објави лидерот на СДСМ на прес-конференцијата, братучедот на Груевски, Влатко Мијалков, ја прашува Филимена Маневска за некоја судијка.

– Таа е наша. Кажи ѝ дека „Филимена ме испрати“. Оди, претстави ѝ се и кажи ѝ дека јас сум те пратила – му вели Маневска, како што се слуша на снимката.

Во вториот разговор, пак, кој според лидерот на опозицијата се одвивал помеѓу Гордана Јанкулоска и Мартин Протоѓер, тие разговараат за тоа како може да му се помогне на Протоѓер за некој негов другар.

Во третата аудиоснимка што беше објавена денеска на прес-конференцијата на СДСМ, се слуша разговор на Јанкулоска со Сашо Мијалков, за тоа да наместат МВР да изгуби спор во суд со некое „човече“, кое им помагало во растурањето на „Достоинство“.

Во следните снимки што денеска ги презентираше Зоран Заев, разговараат Александра Зафировска и Ленче Самарџиевска за тоа да се извести премиерот дека ќе се распише оглас за избор на судии во Кратово и во Скопје.

Јанкулоска и Мијалков, пак, на друга снимка, разговараат за судии во Крушево и во Врховен суд и за тоа кој да биде обвинител. Разговараат како Блерим Беџети инсистирал да се забрза изборот на обвинители. Мијалков инсистира да се забрза работата за да се стигне на седницата на Судскиот совет. Тие разговараат за избор на судијката Лидија Петковска.

Голем интерес а прес-конференцијата на лидерот на СДСМ Зоран Заев за 12 бомба
Голем интерес а прес-конференцијата на лидерот на СДСМ Зоран Заев за 12 бомба

Во еден од следните разговори, меѓу Јанкулоска и Љупчо Шврговски, се слуша како обвинителот ѝ кажува на министерката дека ќе се избираат обвинители и ѝ истакнува дека се слушнале со Мијалков. Таа му кажува дека ќе разговара за изборот и да му каже на Блерим Беџети дека ќе компензираат за тоа во скопското обвинителство.

Блерим Беџети и Муса Џафери, пак, се договараат за изборот на обвинители. Беџети му кажува на Џафери дека му се јавила Јакулоска и дека зборувале за едно место во обвинителството. Тие разговараат за тоа што може да им се даде за компензација.

Во следниот разговор Беџети и Џафери зборуваат дека треба да се зборува со претседателот на ДУИ за местото и за компензацијата која им ја нудат од ВМРО-ДПМНЕ. Се прашуваат со што може да се компензира тоа место. Тие се договараат дека тоа место треба да им се даде и да го искомпензираат со високо место од истиот ранг. Зборуваат и за тројца нови обвинители кои велат дека ќе бидат „нивни“.

Никола Тодоров со Јанкулска, пак, во друга аудиоснимка што ја презентира денеска Зоран Заев, зборуваат и за сопругата на деканот на ФИНКИ, која била на конкурс за избор на судии. Јанкулоска му вели да ѝ го испрати името за некој друг избор затоа што за тој конкурс биле поделени судиите помеѓу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ.

Заев презентира и уште еден разговор на министерката за внатрешни работи, овојпат со Зоран Ставрески, во која се слуша како тие зборуваат за некој вработен во Министерството за финасии кој аплицирал за работа во Апелацискиот суд. Ставрески ѝ вели на Јанкулоска дека сака да му го загорчи животот на тоа ново работно место. Јанкулоска му одговара дека ќе се јави во Агенцијата да водат сметка за споменатиот, за да му се „зезне“ работата.

Во друга аудиоснимка се слуша како Мијалков разговара со Софија Лаличиќ и ја известува дека „ја сместил“ за судијка. Тој ѝ честита на изборот и зборуваат за судијката Тупанчевска и за тоа како таа на Лидија ѝ купувала „сваровски-кристали“.

Светлана Костовска, пак, разговара со Мијалков и тој ѝ кажува дека ја избрале за судијка. Костовска му вели дека ќе му биде „должник цел живот“.

Заев истакна дека „мала група од власта го урнисала уставниот поредок на земјата“.

– Ова е монструозен систем. Во устата на ова чудовиште сме сите. Да не дозволиме да нè изеде. „Вистината за Македонија“ извади на површина во какви ненормални услови сме живееле сите овие години. Да не дозволиме никогаш повеќе ова да се повтори – истакна Заев.

На прашање каков е ставот на Заев за заштита на луѓето што се споменуваат или се актери во телефонските разговори и дали има материјали за поголеми афери, Заев одговори дека ќе се залага до крај правдата да дојде за секој криминал.

– И во претходните разговори и денеска има луѓе кои се извршители по наредба. Денеска испраќам порака да продолжат да се појавуваат како известувачи за криминалот затоа што нашиот закон ги заштитува. Сè што имаме ќе обелодениме. Имаме предмети за најголем број од она што предизвикало дебата во јавноста. Одиме соодветно по наши планови за да допре до граѓаните –  рече Заев.

Лидерот на опозицискиот СДСМ на јавниот обвинител му порача дека ако мисли на надзор како во случајот „Монструм“ – тоа нема така да помине. Тој рече дека обвинителот ќе мора да поднесе оставка.

Заев не откри кои се двајцата амбасадори што биле прислушувани и рече дека неколку амбасадори добиле папки со материјали од прислушување.

За случајот „Монструм“, претседателот на СДСМ рече дека ќе објави сè што постои кај нив како аудиозапис или СМС-пораки и дека со вистината ќе оди докрај.

На прашањето дали има докази за стопански криминал, Заев рече дека „краделе, се заборавиле“, дека има „премногу докази за тоа“ и дека ќе биде обелоденето сè што имаат.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Учениците во Македонија од понеделник за првпат на пролетен распуст

Учениците од основните и средните училишта низ државата од понеделник, 29 април па до 6 мај, ќе бидат на пролетен распуст. Покрај пролетниот распуст кој годинава за првпат се воведе...