Заев-Галовеј: Членството во НАТО е победа, да се задржи фокусот на реформите


       
Скопје, 7 февруари, 2019 - 12:45 (META) 

Премиерот, Зоран Заев, денеска се сретнал со Рејчел Галовеј, амбасадорката на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска.

Галовеј, како што информираат од Владата истакнала дека интеграцијата на Македонија во НАТО е голема победа за државата, бидејќи отвора перспективи за видливи економски придобивки.

„Обединетото Кралство планира во скоро време да ги почне процедурите за ратификација на Протоколот за членство на Македонија во НАТО. Исто така, таа ја охрабри земјата да продолжи со фокусот на реформскиот процес, што носи резултати за квалитетот на живот на граѓаните“, соопштуваат од Владата.

Премиерот Заев информирал дека е во тек заокружувањето на безбедносните реформи, дека до крајот на февруари се очекува во Парламентот да бидат изгласани со консензус измените на законите што се однесуваат на реформите во правосудниот систем, дека се во тек реформите за професионализација на јавната администрација, како и за избор на нови, политички независни членови на Антикорупциската комисија.