Заев: Деновиве ќе се знае дали ќе има договор со опозицијата или ќе се оди на избори 


       
Скопје, 1 октомври, 2018 - 13:49 (META) 

За неколку дена ќе се знае дали постои амбиент за постигнување договор со опозицијата за двотретинско мнозинство кое е потребно за да се изгласаат уставните измени во Парламентот кои произлегуват до Договорoт со Грција.

Ова денеска го истакна премиерот Зоран Заев во изјава дадена по свечениот час на новозапишаните студенти на ФИНКИ.

Заев истакна дека денеска е ден за сублимирање на сите анализи и планови и додаде дека од утре ќе почнат разговори. Според него, постои капацитет за одржување предвремени избори кои се последна опција доколку не се постигне договор.

– Секако дека има капацитет за избори. Законот и Уставот ги предвидуваат следните чекори. Но, се надевам дека ќе успееме да се договориме. Процесите не можат да бидат замрзнати и да стојат на место, работите мора да се движат напред – рече премиерот.

Доколку не се постигне договор и се оди на предвремени избори, според него, изборите ќе се случат брзо. Постои можност тие да се организираат до крајот на ноември, временска одредница која ја спомена и вчера. Тој напомена оти во тој целиот тој процес мора да се мисли и на другите рокови, на пример на изборите за Европскиот парламент кои ќе се одржат во мај следната година, а на кој ќе учествува и Грција.