Вучиќ на Косово: Србија сака и ќе направи се да го зачува мирот


       
Бањска, 20 јануари, 2018 - 12:59 (META) 

Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска им порача на Србите на Косово дека мораат да останат и да опстанат на своите живеалишта на Косово, а дека за тоа ќе има понатамошна и поголема помош од државата.

– Србите мора да останат и да опстанат на своите огништа на Косово и Метохија. Не смееме да бидеме помалку на земјата на која од секогаш сме живееле. Затоа како држава ќе се бориме на сите начини, мора да го обезбедиме нивниот економски напредок, да ја обезбедиме нивната сигурност и да се пресметаме со криминалот и корупцијата – порача Вучи.

Осврнувајќи се на атентатот на Оливер Ивановиќ, Вучиќ рече дека Србија, иако била подготвена да учествува во истрагата, што не било прифатено од албанската страна, ќе разменува информации со косовските институции, и дека ќе ги почека конечните резултати.

– Ќе видиме дали истрагата ќе доведе до извршителите на ова гнасно злосторство. Ако тоа не се случи, многу работи ќе бидат јасни, како што реков првиот ден – рече тој.

На Србите на Косово им се заблагодари на цврстината, постојаноста, храброста и желбата да ја чуваат својата земја, а на Албанците им порача дека, без оглед на различните интереси, Србија сака и ќе направи се да го зачува мирот и да ги реши несогласувањата.

– Дојдов да им порачам на Албанците, без оглед што неретко Србите ги доживуваат како, не би рекол непријатели, туку како противници, и неретко имаме различни интереси, дека Србија не само што сака мир, туку ќе даде се од себе тој мир да го зачуваме. Ќе направиме се со цел да ги решиме повеќедецениските и повеќевековните несогласувања, да обезбедиме трајност на тој мир, и безбедност за секое албанско и српско семејство – додаде Вучиќ.