До мал судир помеѓу припадниците на ЕБР и демонстрантите дојде на вечерашниот протест откако припадниците на „Шарената револуција“ се обидоа да го урнат споменикот на Прометеј, кој е дел од проектот „Скопје 2014“ и се наоѓа во паркот Жена-борец.
Демонстрантите ја тргнаа заштитата на Прометеј и тргнаа дел од скелето и штиците што беа околу споменикот. Потоа го врзаа со платното и се обидоа да го турнат. Во тој момент триесетина припадници на Единицата за брзо распоредување (ЕБР) го опколија споменикот и ги истиснаа демонстрантите од просторот.
Некои од демонстрантите удираа со камења, шишиња и со лименки кон полицијата, но редарите од „Шарената револуција“ ги тргаа и повикуваа на смирување.
Демонстрантите ја тргнаа заштитата од споменикот на Прометеј #протестирам pic.twitter.com/HnV9TIAFUy
— META.mk (@meta_agency) June 20, 2016
Не дојде до поголеми инциденти.
Камења и шишиња завршија и врз прозорците на Министерството за правда кое беше обоено со помош на пумпи, буриња и црева. Полицијата иако беше присутна пред Министерството, не реагираше на активностите на демонстрантите.
Од Министерството за правда демонстрантите се упатија пред Собранието и го обоија со големиот чатал.
Демoнстрaнтите гo oбoијa Сoбрaниетo #ШaренaтaРевoлуцијa #Прoтестирaм pic.twitter.com/1P3I4SO4GL
— META.mk (@meta_agency) June 20, 2016
Протестот почна во 19 часот пред просториите на СЈО, по што демонстрантите се упатија кон Владата каде говореа активистот Павле Богоевски, членот на Левица, Владимир Куновски, и заменик-престедателката на СДСМ, Радмила Шекеринска.
Сите порачаа дека е време владата да си даде оставка и граѓаните да учествуваат во преговорите и во носењето одлуки.
Активистот Богоевски рече дека повеќе не се плашат, а двајцата припадници на „Шарената револуција“ кои стоеја до него симболично ги извадија маските од лицата.
– Дојдовме да покажеме дека сме одговорни граѓани и дека сакаме да учествуваме во носењето одлуки. Не сме само ние 15-20.000 што сме тука. И граѓаните што не се дојдени ни даваат поддршка. Сакаме да кажеме дека граѓаните и партиите ќе продолжат заедно и сите ќе го кренат гласот против ова злосторничко здружение. Исто така, сакаме да порачаме дека не сме неартикулирани хулигани, туку граѓани со артикулирани барања. Тука сме да кажеме дека граѓаните мора да бидат дел од донесувањето одлуки и да обезбедиме идните преговори да бидат транспарентни – рече Богоевски, повторувајќи ги нивните претходни барања.
Членот на Левица, Куновски, рече дека првпат граѓаните се обединети во една мисла и дека се тука за да изградат нова социјална и праведна држава.
– Ние нема да преговараме, тука сме само да ги договориме условите за капитулација. Со будали не се преговара и договара. Ве повикувам сите да бидете будни и да се вклучите во формирањето на новата Република Македонија. Ова е историски момент – рече Куновски.
Шекеринска рече дека порано стравот бил во секој македонски дом, но сега целиот страв е собран само во една зграда.
– За да се спаси, Груевски вчера се обиде да го сврти народот против народ. Но, сите треба да знаат дека корупцијата во Македонија има име, а криминалот точна адреса. Тука сме да му порачаме на Груевски дека нема шанси да продолжи со своите судии од тефтерчето и да ги тргне рацете од институциите – изјави Шекеринска.
Некои од граѓаните фрлија јајца кон објектот на Владата.